ПОЧИНАТИОТ 36-ГОДИШЕН ШТИПЈАНЕЦ ОД КОВИД-19 НЕ БИЛ ТЕСТИРАН НАВРЕМЕ

    ПОЧИНАТИОТ 36-ГОДИШЕН ШТИПЈАНЕЦ ОД КОВИД-19 НЕ БИЛ ТЕСТИРАН НАВРЕМЕТабла со некролози во центарот на Штип. До вчера, Штип имаше 160 активни случаи со коронавирус и според бројот на заразените и починатите веќе е меѓу водечките градови во Македонија. Починати се осуммина. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Штипјанецот Б. З. (36), кој почина завчера во Градската општа болница (ГОБ)  „8 Септември“ во Скопје поради компликации од коронавирусот, е најмладиот штипјанец од овој град од вкупно осумте жртви од КОВИД-19 колку што досега има Штип. Засега, никој не кажува зошто веднаш не бил упатен на коронатест, туку тоа се случило откако пред три недели во сабота со брза помош бил однесен на Инфективното одделение во Штип. Кога наредниот ден бил утврден позитивен тест, а состојбата уште повеќе му се влошила, итно бил префрлен во „8 Септември“. Таму, по интезивната терапија со плазма и кислородна подршка на респиратори, штипјанецот починал по речиси тринеделен третман.

    На младиот текстилец, татко на две годишна ќерка, кога му се влошило здравјето почнал да бара помош од своите лекари. Од матичната докторка добил терапија, но кога по еден ден состојбата пак му се влошила, побарал помош и кај други доктори пријатели кои исто така му дале некаква терапија соодветна на неговите симптоми на грип.

    Додека траеше животната драма на младиот штипјанец, на социјалните мрежи кружеа реакции дека премногу го шетале од ординација до ординација без да се даде налог за тестирање, а во конфекцијата во која работел немало никакви услови за заштитно работење според протоколот.

    Како што дознаваме, на Инфективното одделение во Штип се лекуваат членови на неговото потесно семејство, кое дури после пет дена биле информирани дека нивниот син и брат бил заразен со коронавирус. Првиот тест на неговата сопруга бил негативен, а сега се чека и на вториот, додека родителите и братот биле со позитивен тест .

    Во отсуство на информации од потесното семејство кое исто така се бори со корнавирусот, а хоспитализирана била и матичната докторка на веќе починатиот пациент, блиски роднини на ова познато штипско семејство велат дека не се запознати до крај со целиот случај. Некои од нив дознале дури кога нивниот роднина бил хоспитализиран на Инфективното одделение во Штип. Телефонски се чуле кога бил однесен во „8 Септември“, но биле непријатно изненадени кога чуле дека починал.

    До вчера, Штип имаше 160 активни случаи со коронавирус и според бројот на заразените и починатите веќе е меѓу водечките градови во Македонија. Претходно, на домашно лекување како оздравени биле упатени 23 пациенти, но од денеска бројот на активните е зголемен со 17 новозаразени, од кои повеќето се од непознат кластер.

    На Инфективното одделение во една соба веќе се хоспитализираат по 3, 4 или 5 пациенти со ковид-19. Затоа, ова Одделение било принудено да ги позајмува собите од Нервното одделение кое е во истата зграда, но и овој простор полека се пополнува. Раководството на Клиничката болница во Штип вели дека бара нови резервни решенија.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира