ПОЧНА ДА СЕ ГРАДИ ПОДЗЕМНА КАТНА ГАРАЖА ВО ЦЕНТАРОТ НА ВЕЛЕС

    ПОЧНА ДА СЕ ГРАДИ ПОДЗЕМНА КАТНА ГАРАЖА ВО ЦЕНТАРОТ НА ВЕЛЕСЗа изградбата на подземната гаража која ќе биде на три нивоа Општина Велес доби 2,1 милиони евра од унгарскиот кредит. (Фото: СДК.МК)

    Со расчистување и оградување на просторот на постојниот паркинг пред Основен суд во Велес, почнува изградбата на подземната катна гаража во центарот на градот. Следи почетокот на градежните зафати, а изведувач е градежната фирма „Делта пром“ од Велес која ја поседува потребната лиценца за работа на објекти од „Б“ категорија на општинско ниво.

    Изградбата ќе биде заедно со „Стентон градба“, бидејќи станува збор за голем објект и специфичен за градба.

    „Ова е еден од најголемите градежни зафати во поновата историја на Велес, за кој долго време се зборува, кој граѓаните долго време го очекуваат. Со овој проект ќе помогнеме со паркирањето во централното градско подрачје. Изведувачот е воведен во режим на работа, имаме и времен сообраќаен режим, ќе имаме времено паркирање. Очекуваме дека во период од 9 до 12 месеци подземната катна гаража ќе биде готова. Не само поради големината на инвестицијата, туку и поради барањата при изградбата. Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) во Скопје направи проект за заштита на јамата, ќе се прават шипови за нејзина стабилизација“, вели  градоначалникот Мако Колев.

    За изградбата на подземната гаража која ќе биде на три нивоа, Општина Велес аплицираше до Министерството за локална самопурава и доби 131 милион денари (околу 2,1 милиони евра), средства од унгарскиот кредит. Капацитетот е за 100 возила. Површината на катната гаража е 1.508 метри квадратни, влезот е од улицата Гоце Делчев. Ќе биде на длабочина до 13 метри.

    Остануваат со закон заштитените скривници на Дирекцијата за спасување и заштита, како и дуќаните пред Основен суд Велес. Во втората фаза, по завршувањето на подземната катна гаража, ќе се врши уредување на плоштад на местото од сегашниот паркинг.

    На забелешките од стручните лица, архитекти и градежници дека во централно подрачје не треба дa се гради ниту катна, ниту подземна гаража, оти така нема да се избегне гужвата во сообраќајот и загадувањето кое тоа ја предизвикува, градоначалникот Колев кажа дека постапката е завршена и не се можни никакви измени.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира