Започнаа градежните работи за санација на мостот на реката Вардар кај Башино Село, како времено решение до изградба на нов мост. Санацијата на мостот треба да го продолжи неговиот век на користење за 5-10 години.
„Изведувачот на работите за санација на мостот преку реката Вардар кај Башино Село е Друштво за градежништво и проектирање ‘Синтек инженеринг ДООЕЛ ‘кој е воведен во работа на 21.03.2025 година. Рокот на изведба е три месеци. Вредноста на проектот е 24,614,554.00 денари (околу 400.000 евра) без ДДВ“, велат од ЈП „Државни патишта“.
Екипите кои работат на терен објаснуваат дека при градежните работи се третира долниот дел од мостот, за да не се размрда од гребење на асфалтот и ставање нов. Се поставува нов вид материјал на столбовите за да се зацврстат, најсовремено решение со третирање на мостот одвнатре. Монтирана е најсовремена опрема под самиот мост, која врши мониторинг 24 часа, и секое движење се евидентира. Опшивката на столбовите која се работи не пречи на одвивање на сообраќајот.
Последните испитувања на стручњаците од Градежен факултет од Скопје покажале дека на носечките 7 столбови по широчина на мостот оштетна е надворешноста блиску до ивиците, додека тие во средината се стабилни. Поради тоа, се одлучи мостот да се пушти за сообраќај со наизменично пропуштење на возилата во еден правец, по средината и со ограничена брзина од 30 километри на час што е решено со семафори.
Во периодот од 3 јануари до 3 март, до кога мостот беше затворен за сообраќај, целокупниот сообраќај се одвиваше низ центарот на Велес, каде минуваа и тешки товарни возила, исклучиво ноќе. Времениот сообраќај создаде сообраќаен хаос низ градот, кога од еден во друг дел на Велес се патуваше по 30-40 минути. Мостот беше итно затворен на 3 јануари, по барање на Државниот сообраќаен инспекторат, откако од Градежниот факултет стигнале резултатите од редовната контрола која се извршува двапати годишно на оштетени мостови. Тие покажале дека мостот е небезбеден.
П. ПЕЧКОВ