По три години, заврши реставрацијата и конзервацијата на фасадата од Јени џамија, еден од најрепрезентативните историски споменици од отоманската архитектура во Битола, останат од 16 век. Координаторот на проектот Зоран Алтипармаков, инженер архитект и виш конзерватор во Завод и музеј Битола, вели дека со ова е вратен стариот лик на џамијата како пред пет века. При зафатот бил користен оловен лим за куполите од Турција и варов малтер од Италија.
„Првпат во Македонија се работеше со варов малтер на толку голем објект. Таа техника е заборавена и не се применува на надворешна фасада зашто постои страв дека ќе се уништи. Малтерот беше набавен од италијанска фирма која се занимава со реставрација. Тежината е во тоа што преку каменот мачкаш малтер, а тој е со нерамна форма“, вели Алтипармаков.
По конзервацијата и реставрацијата на фасадата кај Јени џамија, планирано е да се стави и монтажна настрешница над ископаните темели од црква веднаш до ѕидот на џамијата. Истражувањата во изминатите години покажаа дека Јени џамија крие темели на три цркви кои датираат од 7, 11 и 13 век, а се смета дека едната од нив е некогаш најголемата црква во центарот на Битола, „Св. Ѓорѓи“. При ископувањата беа пронајдени два печата, еден сребрен со ликот на Свети Ѓорѓи и друг со ликот на Богородица во молитва. За највреден пронајдок се смета пекторалниот медалјон врз кого се изгравирани позлатени фигури на светци.
Се претпоставува дека црквата „Св. Ѓорѓи“ била епископија во времето на 11 век, во периодот кога тука живеел Гаврило Радомир , синот на Цар Самоил. Старите битолчани џамијата ја нарекуваат и Нал-џамиси или Потковица џамија, а според преданијата токму црквата „Свети Ѓорѓи“ во центарот на Битола била украсена со исцртана потковицата.
Ископувања врз темелите вршени се и во внатрешниот дел од џамијата, за чија реставрација потребни се дополнителни средства. Но, внатре веќе е ставен стаклен под, под кого се гледаат темелите. Во иднина целта е објектот да биде на лик на Света Софија од Истанбул, односно да ги обединува христијанското и исламското културно наследство.
Откако започнаа ископувањата и реставрациите, џамијата која половина век беше уметничка галерија е затворена. Исламската верска заедница бараше да им биде вратена во владение преку процесот на денационализација, но го загуби судскиот спор.
Реставрацијата на фасадата чинеше над 15 милиони денари, средства обезбедени од државниот буџет. Ова е трета реставрирана џамија во Битола во последните две години. Останатите две џамии Исак и Хајдар Кади беа реставрирани со пари од Турција и експерти од таму. Во реставрацијата беа користени различни техники, па затоа и фасадите на џамиите кои датираат од ист период, изгледаат различно, секоја убава на свој начин. Кај Исак џамија се гледаат и камените коцки на ѕидот, а кај Јени џамија тие се покриени со варов малтер.
Ж. ЗДРАВКОВСКА