ПОДМЛАДОК НА МОЛИКА НИКНУВА НА ПЕЛИСТЕР, СЕ ФОРМИРА И РАБОТНА ГРУПА ОД ЕКСПЕРТИ ЗА ПОНАТАМОШНИ МЕРКИ

    ПОДМЛАДОК НА МОЛИКА НИКНУВА НА ПЕЛИСТЕР, СЕ ФОРМИРА И РАБОТНА ГРУПА ОД ЕКСПЕРТИ ЗА ПОНАТАМОШНИ МЕРКИСкршените, стари и заболени стебла, по препорака на експертите и издадените дозволи од институциите, беа отстранети, со што се ослободи простор за развој на младите молики. (Фото: СДК.МК)

    Забележан е забрзан напредок на подмладок од молика на стотина хектари во Националниот парк „Пелистер“, по воведувањето на шумскиот ред, откако временските непогоди пред повеќе од една година оштетија голем број стари моликови стебла. Скршените, стари и заболени стебла, по препорака на експертите и издадените дозволи од институциите, беа отстранети, со што се ослободи простор за развој на младите молики.

    „Продре светлината и сега забрзано се развива поник од молика. Во пониските делови, поради високите стебла и папратот кои држат сенка, нема поник од молика, туку од ела и бука – се случува процес на замена. Крајниот стадиум ќе биде буково-елова шумска заедница, доколку не се преземе акција со подигање подмладни јадра“, рече Зоран Пројчевски, раководител на помошно-техничкото одделение во Националниот парк „Пелистер“.

    Од невремето кон крајот на 2024 и почетокот на 2025 година беа паднати околу 1.100 стебла. Најлоша беше состојбата на месноста Бегова Чешма, каде што има моликови стебла стари и по 200 години. Тие физиолошката зрелост ја достигнуваат од 80 до 100 години, а потоа стануваат подложни на заболувања, напади од штетници и оштетувања од временски непогоди.

    Владата деновиве донесе одлука да се формира работна група со експерти од институции од областа на заштитата на животната средина и шумарството и од Националниот парк, кои најдоцна до август ќе донесат конкретни заклучоци за тоа какви понатамошни мерки треба да се преземат за ревитализација и заштита на моликовите насади.

    „Целта е да им се даде институционална форма на сите решенија што ќе следуваат во иднина од страна на работната група. Ќе бидат вклучени врвни експерти кои на тема ’Пелистер‘ имаат изработено повеќе научни трудови и одлично ги познаваат состојбите. Се надевам дека брзо ќе се донесат заклучоците за да можеме и ние потоа забрзано да дејствуваме. Со климатските промени, она што сега се случува на надморска височина од 1.300 – 1.400 метри, повеќе од сигурно е дека за 15 до 20 години ќе го имаме и во повисоките делови, доколку не преземеме активности за спас на моликата“, рече Иванчо Тошевски, директор на Националниот парк „Пелистер“.

    По невремето, при увидот на терен беше констатирано дека во 22 поддодела со површина од 468 хектари има значителен број заболени стебла, појава на габични заболувања, зголемен ризик од штетници, а постои и потенцијална опасност од натамошно сушење на стеблата. Во паркот имаше формирано две подмладни јадра со молика и доколку се продолжеше со такви одгледувачки мерки во изминатите две децении, ситуацијата на Пелистер сега ќе беше поинаква.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира