ПОЕШЕВО Е НАЈЗАГАДЕНОТО СЕЛО СО ОЛОВО ВО БИТОЛСКО

    ПОЕШЕВО Е НАЈЗАГАДЕНОТО СЕЛО СО ОЛОВО ВО БИТОЛСКОИстражувањето го спроведоа ученици и професори од гимназијата „Јосип Бриз Тито" во Битола (Фото: СДК.МК)

    Поешево е најзагадено од 19-те битолски села со олово, манган и хром. Ова го покажа истражувањето за присуство на тешки метали во почвата на потегот од Битола до РЕК, што го спроведоа ученици и професори од гимназијата „Јосип Бриз Тито” во Битола. Поешево, оддалечено само неколку километри од градот, има над максимално дозволените концентрации на олово, но и зголемено присуство на манган и хром во почвата.

    „Зошто Поешево? Причината може да биде индивидуална, можеби на таа локација порано се одвивале некои акивности кои оставиле трага во почвата. Таков пример имаме и во Брусник, каде има повисоки концентрации на олово од околните села и заклучивме дека на тоа место порано многу луѓе топеле кабли и други предмети поврзани со олово, па веројатно попримила и самата почва”, рече професорот по географија Мите Ристов.

    Олово во повисоки концентрации се забележува и во битолската населба Боримечка, веројатно од индустрискиот дел на Битола и од активноста на фабриките во минатото, како и во селата околу РЕК.

    Поешево е село со развиено сточарство, но има и земјоделски села каде е забележано присуство на олово во почвата. Таму концентрациите не се над дозволените, но некаде има зголемено присуство. Концентрации на манган и хром нема над дозволеното.

    „Тешките метали штетно влијаат врз земјоделските култури и растенијата ги црпат тие концентрации во своите плодови, а потоа ние ги внесуваме во нашите организми. На тие локации треба да се засадат одредени култури кои ќе ги исчистат на некој начин овие површини”, рече Ристов.

    Во проектот беа вклучени и професорот по хемија Борис Маслинков и седум ученици од гимназијата. Истражувањата ги правеа со УВ спектометар. Проектот беше поддржан од Фондот за иновации и технолошки развој.

    „Зедовме примероци од 19 села од околината на Битола и ги истражувавме во лабораторија. Анализите покажаа дека околината на Битола и не е толку загадена со тешки метали, освен со олово, кое е многу присутно во повеќе села”, рече ученичката Елена Здравковска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира