При гаснењето на големиот пожар кој минатата недела изби во фабриката „Пофикс“ во Тетово оштетена е дел од опремата на тетовската Пожарна. Пожарникарите со години работат во исклучително тешки услови, со дотраена и застарена опрема, а пожарот во „Пофикс“ им уништи голем дел од она малку опрема со која располагаа.
„Повеќе од половината од цревата што ги употребивме се изгорени или оштетени. Еве, ова црево е толку оштетено што веќе не можеме да го употребуваме. Не само оштетени црева, штети имаме и на заштитните одела и на другата опрема за гаснење пожари. Возниот парк ни е стар со децении, имаме неисправни камиони, од кои три се со големи дефекти“, вели Авни Амети, еден од старешините во Противпожарната единица во Тетово.
Потребата од нова опрема е нешто на што тетовските пожарникари со години постојано апелираат. Најголемиот дел од опремата со која располагаат е од донации, но и тоа е опрема која веќе била употребувана.
„Ние постојано апелираме за нашите проблеми, но сега состојбата е веќе крајно проблематична. Додека функционерите купуваат луксузни возила, ние гаснеме пожари со возила стари со децении и опрема која веќе е употребувана. Затоа, уште еднаш би апелирал до врвот на државата да ни помогнат, да ни излезат во пресрет со опрема, со возила, не бараме ништо луксузно. Но, не само на нас, апелирам нека им се помогне и на противпожарните едници и во другите градови. За жал, само кога ќе се случи некој вака голем пожар ќе се подигне интересот за нас пожарникарите и за нашата работа, но за една недела или десетина дена пак ќе нè заборават. Ние го ризикуваме нашето здравје и нашите животи за безбедност на граѓаните, па затоа и државата треба малку да мисли на нас. Навистина, ние веќе сме уморни и нашите сили се при крај и се прашувам како би се справиле ако во блиска иднина се појави некој ваков голем пожар“, вели Ука Алити, командир на тетовската Пожарна.
Во големиот пожар кој изби во складиштето за градежен материјал на фабриката „Пофикс“ 15 пожарникари се пожалиле на задушување и дехидрација додека двајца добија физички повреди.
З. АНДОНОВ