ПОЛИЦАЕЦ КОЈ БИЛ НА УВИД ВО СТАНОТ НА ПОЧИНАТИТЕ МАЈКА И СИН ОД ВЕЛЕС, ИМА КОВИД-19 АМА НЕ СЕ ЗНАЕ ОД КАДЕ Е ЗАРАЗЕН

    ПОЛИЦАЕЦ КОЈ БИЛ НА УВИД ВО СТАНОТ НА ПОЧИНАТИТЕ МАЈКА И СИН ОД ВЕЛЕС, ИМА КОВИД-19 АМА НЕ СЕ ЗНАЕ ОД КАДЕ Е ЗАРАЗЕН„Уште не е епидемиолошки докажано како е заразено ова лице, оти тој бил во меѓувреме и на други интервенции на терен, имал бројни контакти поради работната позиција“, рече градоначалникот Коцевски. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот на Општина Велес Ацо Коцевски ја потврди информацијата која не беше официјална, дека лице вработено од СВР Велес, кое учествуваше во увидот по смртта на мајката и синот е позитивно на КОВИД-19. Увидот на местото на настанот, во домот на семејството Маноилови кои беа пронајдени мртви дома се случи, пред десет дена, на 6 април. При обдукцијата кај починатата Катица беше пронајден коронавирусот.

    „Инфициран е припадник на МВР, од екипата на крим-техника, кој бил на увид на земање примероци во станот каде починаа мајката и синот. Уште не е епидемиолошки докажано како е заразено ова лице, оти тој бил во меѓувреме и на други интервенции на терен, имал бројни контакти поради работната позиција. Се истражува како е инфициран. Ова го кажувам за да нема злоупотреби дека е инфициран од станот, од жената. Можеби ќе се докаже дека е по друг основ“, кажа градоначалникот Коцевски, на прес-конференција.

    Тој дополни дека во Велес се земени 350 брисови, а од нив досега има 36 позитивни лица. Коцевски посочи пример на неодговорно однесување на пациент, кога поради криење на податоци, четири вработени лица од лабораторијата при ЈЗУ Здравствен дом биле превентивно во самоизолација. Кога пациентот дошол да му земаат примерок од крвта, не пријавил дека бил во контакт со лица заболени од КОВИД-19.

    „Загрижува податокот дека имаме позитивни на вирусот во една текстилна компанија, која веќе не работи и во еден голем продажен објект за прехрана. Ќе видиме какви ќе бидат насоките, дали тој ќе продолжи со работа или не“, додаде градоначалникот Коцевски.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира