ПОЛИЦИЈАТА ВО ОХРИД И СТРУГА ЗА ЕДНА ГОДИНА ОТКРИЛА 200 ТЕХНИЧКИ НЕИСПРАВНИ ВОЗИЛА КОИ ПРЕВЕЗУВАЛЕ ПАТНИЦИ

    ПОЛИЦИЈАТА ВО ОХРИД И СТРУГА ЗА ЕДНА ГОДИНА ОТКРИЛА 200 ТЕХНИЧКИ НЕИСПРАВНИ ВОЗИЛА КОИ ПРЕВЕЗУВАЛЕ ПАТНИЦИНајчест проблем кај возилата биле сопирачките (Фото: СДК.МК)

    Вкупно 196 возила со техничка неисправност вршеле јавен превоз на патници во охридско-струшкиот регион. Од нив, 11 биле автобуси, а останатите се комбиња и автомобили. Сите возила се исклучени од сообраќајот, а против сопствениците се поднесени соодветни пријави.

    Во просек, при контролите годинава, полицијата затекнувала по две неисправни возила дневно, а најчест проблем биле сопирачките.

    „Апелирам до сите учесници во сообраќајот, до возачите на патнички моторни возила, до оние кои вршат јавен превоз строго да се придржуваат до одредбите за безбедност во патниот сообраќај“, вели Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.

    Покрај неисправноста на возилата, огромен е бројот на возачи кои не ги почитувале сообраќајните правила.
    „Од сите акциски контроли кои се спроведуваат на подрачјето на СВР Охрид во рамките на населено место или надвор од населено место може да се заклучи дека одреден број возачи ја пречекоруваат дозволената брзина, а други возат под дејство на алкохол“, вели Димоски.

    Од почетокот на оваа година, на подрачјето на полициската станица Охрид и Органот за внатрешни работи Струга се случија вкупно 381 сообраќајна незгода, од кои 259 во Охрид. Дванаесет лица го загубија животот: девет охриѓани и тројца стружани.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира