Нема да има повластени, секој кој се огрешил без разлика од каде е, ќе сноси последици, рече премиерот Христијан Мицкоски за полицискиот началник од Демир Хисар кој во петокот ги пречекорил надлежностите обидувајќи се директорката на Гимназијата да ја лиши од слобода иако имал само налог за претрес.
Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на Општина Петровец, рече дека случајот за Демир Хисар го следел лично и одблизу.
„Тоа што полицискиот началник од Демир Хисар постапил надвор од овластувањата и законот ќе си сноси последици, но зошто никој не го коментира работењето на сменетата директорка и исчезнувањето на печатите и друг тип документи од училиштето?“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека вториот дел до вистината која никој не ја пренел е фактот дека во работењето на директорката од страна на Државниот просветен инспекторат биле констатирани големи неправилности, финансиски, но и од друг тип. И тоа е причината зошто добила решение да биде променета.
„А главното прашање на кое треба да одговори е зошто ги снемува печатите и дел од документите во училиштето по нејзината смена. Тоа е суштината. Со тоа треба да се позанимава Обвинителството и јавно да дискутираме. Ова девијантно однесување ќе го замолчиме, каде постои основано сомневање за сторен криминал и ќе се фокусираме само на едното. Ако амнестираме ваков директор кој работи спротивно на закон, за кој постои основано сомневање за сторен криминал, имаме сите ние проблем“, рече Мицкоски.
САКАМДА КАЖАМ.МК, известувајќи за случувањата во Демир Хисар, уште во саботата го пренесе ставот на градоначалникот дека има решение од Државен просветен инспекторат директорката да биде разрешена поради неправилности во работењето. На прашањето кои се тие неправилности, тој одговори дека листата е долга.
Во петокот вечерта, полицијата изврши претрес во домот на директорката Маја Лозановска барајќи го печатот од училиштето. Иако имаше налог само за претрес, началникот рече дека на носила ќе ја однесе на информативен разговор во полиција иако таа беше на боледување. По ова, против него е покрената дисциплинска постапка и од МВР соопштија дека ќе биде сменет.
Адвокатот на директорката најави дека на 12 август ќе се јават на информативен разговор, a обвини дека смената била со цел да се завршат три партиски вработувања пред да се распишат изборите.
Ж. ЗДРАВКОВСКА