Продолжува трендот бебињата од Велешко, да не се раѓаат во Велешката болница туку во болници во други градови. Во 2024, 50 отсто или секое второ бебе родено со адреса на живеење на родителите во Општина Велес е родено најчесто во болниците во Скопје, Штип или Битола. Односно, од 328 новороденчиња од Велешко, 163 не се родиле на Акушерското одделение во Велешката болница.
Во 2017 односот бил 20 отсто, односно од вкупно 535 бебиња, во Велешката болница биле родени 418 бебиња, а процентот изминативе 7 години постојано расте и лани стигна до 50 отсто.
Според податокот на Службата за превентивна здравстена заштита за предучилишна возраст, во Скопје биле родени 134, во Битола пет, во Штип 18, а едно бебе е родено во домашни услови. Има четири случаи кога бебињата се родени во странство, од кои две во Италија и по едно во Словачка и Германија, а родителите се вратиле да живеат во Велес.
Делумно за ваквата состојба е можноста мајките да користат приватно осигурување што им овозможува породување во приватни болници. Други земаат и кредити да се породат во приватни клиники.
На Акушерското одделение од Општа болница Велес, во 2024 биле родени 280 бебиња. Но, тука се породуваат и трудници од Свети Николе, Лозово, Неготино.
П. ПЕЧКОВ