Од 201 невработен битолчанец колку што биле интервјуирани, дури 119 лица или 59 проценти не се пријавени во Агенцијата за вработување, покажа истражувањето на Младинскиот центар од Битола вклучен во проектот „Активни заедници за социјални промени“ финансиран од ЕУ.
„Во истражувањето беа вклучени 201 невработен битолчанец, од нив 126 граѓани се долгорочно невработени што покажува дека сериозен е проблемот со невработеноста. Анализата покажа дека од 201 интервјуирано лице, 82 се регистрираат во Агенција за вработување во Битола како баратели на работа. Од нив, само 18 знаат дека имаат право да користат мерки и услуги кои ги дава Агенцијата“, рече Маја Ангеловска од МКЦ Битола.
Тие апелираат институциите на чело со Агенција за вработување да ги мотивира граѓаните да станат активни баратели на работа, да се регистрираат во евиденција за вработување за да можат да бидат информирани и вклучени во мерките и активностите на Агенцијата.
„Од нашите наоди ние гледаме дека граѓаните не се заинтересирани да се регистрираат. Најчесто се изјаснуваат дека Агенцијата до сега не им нашла работа, не веруваат дека ќе им најде и тоа им е губење време посебно сега кога не се врзани со Фондот за здравство“, вели Ангеловска.
Слична е ситуацијата и на ниво на цела држава.
„Од 812 граѓани кои беа опфатени со интервјуата во државата, 55 проценти од нив не се регистрираат во евиденцијата на невработени и од нив 71 процент се долгорочно невработени или над две години. Ова е важно, зашто сите граѓани кои не се вклучени во системот на Агенцијата за вработување имаат и ограничен пристап до сите мерки и услуги што ги нуди, не се информирани, ниту можат активно да партиципираат на пазарот на трудот. Од тие 812 лица, 45 проценти се регистрирани во евиденцијата, но поразително е тоа што само 16 проценти од нив знаат дека имаат некакво право на користење на мерка или програма. И само тројца нив користеле некаква мерка“, рече Дарко Антиќ од Здружение ЕСЕ.
Ж. ЗДРАВКОВСКА