ПОМАЛКУ ПРВАЧИЊА И ПРЕПОЛОВЕНИ ОДДЕЛЕНИЈА ВО БИТОЛСКИТЕ УЧИЛИШТА

    ПОМАЛКУ ПРВАЧИЊА И ПРЕПОЛОВЕНИ ОДДЕЛЕНИЈА ВО БИТОЛСКИТЕ УЧИЛИШТАПрвачиња ќе има помалку и во следните години поради намалениот наталитет. Минатата година имало за четириесетина живородени бебиња помалку од 2012 година (Фото:СДК.МК)

    Годинава во прво одделение во Битола се запишани 782 ученици, соопштија од Општина Битола. Во оваа учебна година на училиште тргнуваат родените во 2012, кога во Битола, според податоците на Државниот завод за статистика, имало 881 живородено дете. Но, во прво одделение се запишани 782 ученика, а разликата од 99 покажува дека најверојатно тие деца веќе не живеат во Битола.

    Со години се случува ученици од ромската населба да се запишуваат и по почетокот на годината, но сепак нивиот број не е голем, па ваквата разлика во градот се смета како последица на иселувањето. Првачиња ќе има помалку и во следните години поради намалениот наталитет. За споредба, минатата година имало за четириесетина живородени бебиња помалку од 2012 година.

    Бројот на првачиња е намален и во најбројното училиште во Битола, основното училиште „Климент Охридски“, каде годинава учат 995 ученици.

    „Бројот на запишани првачиња во оваа учебна година е 104, тоа е помалку од минатата година за околу 40 ученици“, рече директорката на „Климент Охридски“, Гордана Анастасова.

    Ваквата состојба ја наметна потребата четврта година по ред Советот на Општина Битола да дава согласност за формирање паралелки со помал број на ученици од законски утврдениот во битолските училишта. Законите пропишуваат минимален број од 24 ученици за формирање на паралелка, а низ училиштата има паралелки со преполовен број.

    В петок на седница на Советот, советниците ќе треба да дадат согласност во 12 основни и 6 средни училишта да се формираат паралелки со помал број на ученици. Така, во Основното училиште „Гоце Делчев“ во срцето на Битола, паралелки во прво одделение има со по 10 и 11 ученици, во четврто со седум ученици. Во ОУ „Ѓорги Сугарев“ едно од ретките каде бројот на првачиња е поголем од лани, во повисоките одделенија има паралелки со по осум и десет ученици. Во ОУ „Крсте Петков Мисирков“ во Бистрица во прво одделение има паралелка со шест ученици, во второ со девет.

    Во средните училишта се намалува бројот на средношколци дури и во школите каде во минатите децении се водеше битка за запишување. Сега има паралелки со по 19, 15 и помалку ученици.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира