И ПОМЛАДАТА ЌЕРКА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ТАЛЕСКИ СЕ ВРАБОТИ ВО ДРЖАВНА СЛУЖБА 

    И ПОМЛАДАТА ЌЕРКА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ТАЛЕСКИ СЕ ВРАБОТИ ВО ДРЖАВНА СЛУЖБА Лажната банкнота Владимирка која во герила акција граѓанските здруженија во Битола лани ја делеа за да потсетат на обвинението од СЈО за злоупотреби на градоначалникот Владимир Талески тешки 360.000 евра (Фото: СДК.МК)

    Помладата ќерка на битолскиот градоначалник Владимир Талески се вработила во подрачното одделение на Бирото за развој на образованието во Битола, потврдуваат извори од институцијата. Според нив, ќерката на првиот човек на Битола била вработена уште лани во октомври како помлад соработник. Но, веста се рашири дури денес низ социјалните мрежи.
    Бирото за развој на образованието, каде таа се вработила, е надлежно за наставните програми во општото и гимназиското образование. Советниците за образование при вработување во оваа институција треба да имаат пет години искуство од работа во областа на образованието, а за другите работни места ова не е задолжително.
    И постарата ќерка  на битолскиот градоналаник, пред неколку години, исто така за време на неговиот мандат, се вработи во државна служба. Таа работи во службите на Ветеринарниот факултет во Битола.

    Талески е првоосомничен во случајот „Транспортер“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за злоупотреби и за малверзации со превозот на ученици во Битола тешки 360.000 евра.

    Од Општина Битола денес не одговараа на телефонските повици на новинарите. Директорката на Бирото за развој на образованието, Весна Хорватовиќ, во телефонски разговор ни рече дека е во странство и дека на новинарски прашања ќе одговара од утре.
    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира