ПОПОВИ ПРСКАА СО СВЕТА ВОДА ПРОТИВ КОРОНАВИРУСОТ ВО ВЕЛЕС, НЕГОТИНО, КАВАДАРЦИ И ГЕВГЕЛИЈА

    ПОПОВИ ПРСКАА СО СВЕТА ВОДА ПРОТИВ КОРОНАВИРУСОТ ВО ВЕЛЕС, НЕГОТИНО, КАВАДАРЦИ И ГЕВГЕЛИЈАСвештеници во Велес качени на возила, ги попрскуваа улиците и од разглас се пушташе црковна музика. (Фото: СДК.МК)

    Во градовите од Повардарската Епархија на МПЦ-ОА, денес се одржаа литии за престанок на пандемијата од коронавирусот. По улиците на Велес, Неготино, Кавадарци, Гевгелија, свештеници качени на возила, ги попрскуваа улиците и од разглас се пушташе црковна музика.

    „Следејќи ја традицијата на Светата Православна Црква, кога за време на војни, суша, земјотреси, епидемии и други несреќи, во минатото биле спроведувани литии со икони, крстови, света вода и свети мошти, со благослов на Митрополитот Повардарски Владиката Агатангел, денес, во сите градови и населени места од Повардарската епархија со света вода беа попрскани улиците, беше прочитана молитва и беше побарано благослов од Бога за престанок на глобалната пандемија и на погубната зараза. Следејќи ги препораките од државните органи, за да не се собира голем број на народ, Владиката Агатангел, благослови овој чин свештенството да го отслужи во движење, со помош на возила, што е редовна пракса при вакви вонредни состојби и во други држави и помесни Православни црквa“, напишаа на официјалната страница на Повардарска епархија МПЦ- ОА.

    Владиката во неговото вчерашно послание за пандемијата на корона вирусот, реагира на барањата да се забранат собирањата во црквите, сметајќи дека „ѓаволот ги користи некои луѓе, за да му наштети на верниот народ, да ѝ напакости на Светата Црква“. На крајот од ова обраќањето бара верниците да се помолат за неуморните и пожртвувани лекари, медицински сестри и сиот болнички персонал, кои се жртвуваат за да спасуваат човечки животи. Тој напиша дека е болен и подолго време отсуствува од богослужбите во велешките цркви.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари