НЕ СЕ СОМНЕВАМЕ НА ЛЕКАРСКА ГРЕШКА, ВЕЛИ МАЈКАТА НА МРТВОРОДЕНОТО БЕБЕ, ПОВТОРНО ЌЕ ИМА ВОНРЕДЕН ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР ВО БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА

    НЕ СЕ СОМНЕВАМЕ НА ЛЕКАРСКА ГРЕШКА, ВЕЛИ МАЈКАТА НА МРТВОРОДЕНОТО БЕБЕ, ПОВТОРНО ЌЕ ИМА ВОНРЕДЕН ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР ВО БИТОЛСКАТА БОЛНИЦАЗа неполни четири месеци ова ќе биде трет вонрееден инспекциски надзор во Битолската болница. (Фото: СДК.МК)

    Не се сомневаме во лекарска грешка, докторите направија сè што е во нивна можност, имав многу плодова вода и тоа беше проблемот што бебето се роди мртво, вели во телефонски разговор за САКАДАКАЖАМ.МК Сара Керимова, мајка на бебето што вечеравечер се роди мртво на Одделението за гинекологија во Битолската клиничка болница.

    „Првите седум месеци од бременоста бев во Во Германија каде бев на лекар, но немаше проблем. Потоа ме вратија од Германија во Македонија. Во Битола два пати бев на матичен гинеколог. Првиот пат немаше никаков  проблем, вториот гинекологот само што ме прегледа, рече дека има многу плодова вода и веднаш ме упати на болница. Бев влезена во девети месец и на болница веднаш ми направија царски рез, но детете беше починато. Не се сомневаме на лекарска грешка“, рече Керимова.

    Министерот за здравство Фатмир Меџити, поради случајот со мртвородено бебе во Клиничката болница во Битола, иницираше Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) да изврши вонреден инспекциски надзор во Одделот за гинекологија и акушерство.

    „Министерството ја информира јавноста дека според информативниот допис од Клиничката болница Битола, кој стигна до  Министерството за здравство, кај 21-годишната пациентка бременоста сè до 7 месец се одвивала во Германија. Таа во Клиничката болница Битола не дала информации дали била следена од лекар во Германија и не приложила документација од којашто ќе се утврди дека бременоста е контролирана. Првпат родилката се јавила на матичен гинеколог во 29. недела, на инсистирање на членови на нејзиното семејство, и вторпат во 36. недела на приватен матичен гинеколог. Истата била препратена во Клиничка болница Битола поради вишок плодова вода при бременост (полихидрамниja – состојба која укажува на компликации кај плодот)“, соопшти Министерството за здравство.

    Во соопштението се вели и дека вчера бил извршен царски рез кај пациентката, плодот е роден мртов без срцева акција. Оваa бременост е четврта кај родилката, а и третата бременост завршила со ист исход. Родилката во моментов е на лекување во Клиничка болница Битола, таа е во општа добра состојба и изіавува дека нема забелешки во врска со породувањето и лекарскиот третман.

    За неполни четири месеци ова ќе биде трет вонрееден инспекциски надзор во Битолската болница. Првиот беше по смртта на петгодишната Јана Христовска која почина во март годинава откако прими инфузија, а надзорот покажа дека немало лекарска грешка. Вториот инспекциски надзор беше по смртта на новороднечето во април годинава, кога ДСЗИ утврди административни пропусти во лекарскиот третман.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира