Мостот на реката Вардар кај Башино Село за влез во Велес е затворен за сообраќај. Ова го побарал Државниот и инспекторат за сообраќај, откако вчера Градежниот факултет испратил извештај до ЈП за Државни патишта, за нарушена стабилност на мостот.
„Овој извештај не можеме да го ставиме во фиока и мораме да преземеме соодветни дејствија. Така, од денес мостот е затворен и за леки возила и за тешки камиони. Во извештајот пишува дека е нарушена стабилноста на мостот, има сериозни вибрации и хоризонтално вертикално, има напукнатини и на мостот и на носечките столбови. Работиме на решенија. Првото е за санација на мостот, проект од Градежен факултет, која би завршила за 90 дена. Втората работа е изградба на нов мост“, кажа градоначалникот на Велес Марко Колев .
Со оваа одлука се засегнати многу граѓани, многу фирми од Велес. Како предлог е сообраќајот во градот да се одвива помеѓу 22 и 6 часот, да се изврши промена на сообраќајот во централните улици. Припадниците на нуркачките единици на МВР имале подводни активности внатре во реката Вардар кај мостот и снимале каква е состојбата со темелите.
„Претходниот градоначалник уште во 2018 апелирал за состојбата на мостот, во 2019 е сменета категоризацијата на патот за да може државата да ја финансира санацијата, толку години ништо не било преземено, а се бареле седум милиони денари. Колегите од Градежен фактултет напишале дека конструкцијата е од висок ризик, имаме комплетно уништена арматура и бетонска конструкција. Во тек е повикот за избор на проектант на новиот мост, по што би се извршил избор на изведувач, а потоа да се започне со изградба на нов“, рече премиерот Хирстијан Мицкоски кој денеска беше на увид на мостот.
Постојниот мост, чија стабилност е нарушена, е стар 53 години, изграден од ЈНА во 1971 година како времен, во должина од 101 метар. Тој е армирано-бетонски полумонтажен тип на мост. Поради итноста за решавање на проблемот со сообраќајното решение за тешки возила низ центарот на градот, попладнево во Општина Велес градоначалникот свика итна средба со стопанствниците од општината.
П. ПЕЧКОВ