Скопските пожарникари вчера навреме стигнале на пожарот во скопски Чаир каде гореше зграда, но половина час не можеле да пристапат од паркирани коли. Според информациите на истрагата, пред зградата во која се запали магацин на продавница за домаќинство имало паркирано десетина коли. Морало да интервенира пајак службата, но и кога дошле пајаците сопственците на возилата не им дозволувале да ги кренат.
Пожарот бил тежок за гасење оти во магацинот кој се наоѓал во станбена зграда имало голем број експлозивни предмети. Магацинот бил полн со производи за домаќинство односно со сијалици, пластични предмети, украси, вештачки дрва, садови за домаќинство, лустери и слично.
„Пожарникарите работеа во многу тешки услови, влегуваа во подрумот кој беше полн со вода до колена, во густ, црн чад. Недозволиво е да има ваков магацин во станбена зграда. Во прашање сега е доведена и статиката и безбедноста на објектот. Треба да се направи испитување пред граѓаните повторно да се вселат во нивните домови“, вели нашиот соговорник кој вчера беше дел од акцијата за гаснење на пожарот.
Во вчерашниот пожар во Чаир беа повредени и хоспитализирани 43 лица. Допрва ќе се испитуваат причините поради кои изби пожарот.
Скопската Пожарна насекаде низ Скопје се соочува со проблеми за пристап до објектите и зградите.
Архитектот Миoдраг Радоњиќ-Бато во подкастот „За секого по нешто“ на САКАМДАКАЖАМ.МК објавен во февруари годинава, кажа дека во Скопје владее урбанистички хаос бидејќи зградите се цртаат по желба на градежници и политички моќници и во моментов научниот пристап за планирање на просторот e тргнат на страна и се планира ад-хок по потреба на градителите.
„Во минатото, кога Скопје изгледаше многу похумано од сега, Општината инвестираше во изработката на урбанистичките планови и тогаш се почитуваше мислењето на струката. Денеска, доведени сме во ситуација приватни инвеститори или градежници да се инвеститори на урбанистичките планови. Кога тие финансираат, планот ќе биде по желба на инвеститорот, а не според потребите на граѓаните кои живеат таму, што е нелогично. Урбанистите не планираат, тие цртаат маркички по желба на некои моќници од политичката или од бизнис фелата“, рече Радоњиќ.
А. АНТЕВСКА