ЖИВЕЕМЕ ВО ХАОС ЗАТОА ШТО УРБАНИСТИТЕ НЕ ПЛАНИРААТ ЗА ГРАЃАНИТЕ, ТУКУ ИМ ГИ ЦРТААТ ЖЕЛБИТЕ НА МОЌНИЦИТЕ – ПОДКАСТ СО АРХИТЕКТОТ РАДОЊИЌ

    ЖИВЕЕМЕ ВО ХАОС ЗАТОА ШТО УРБАНИСТИТЕ НЕ ПЛАНИРААТ ЗА ГРАЃАНИТЕ, ТУКУ ИМ ГИ ЦРТААТ ЖЕЛБИТЕ НА МОЌНИЦИТЕ – ПОДКАСТ СО АРХИТЕКТОТ РАДОЊИЌ„Ние немаме градоначалници ние имаме локални шерифи“, вели Радоњиќ во подкастот „За секого по нешто“. (Фото: СДК.МК)

    Во Скопје владее урбанистички хаос бидејќи зградите се цртаат по желба на градежници и политички моќници, а не според стандарди, вели архитектот Миoдраг Радоњиќ-Бато. Тој во подкастот „За секого по нешто“ на САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека во моментов научниот пристап за планирање на просторот e тргнат на страна и се планира ад-хок по потреба на градителите.

    „Во минатото, кога Скопје изгледаше многу похумано од сега, Општината инвестираше во изработката на урбанистичките планови и тогаш се почитуваше мислењето на струката. Денеска, доведени сме во ситуација приватни инвеститори или градежници да се инвеститори на урбанистичките планови. Кога тие финансираат, планот ќе биде по желба на инвеститорот, а не според потребите на граѓаните кои живеат таму, што е нелогично. Урбанистите не планираат, тие цртаат маркички по желба на некои моќници од политичката или од бизнис фелата“, вели Радоњиќ.

    Подкастот со архитектот Бато Радоњиќ може да го гледате тука:

    Радоњиќ ја доби наградата „Андреја Дамјанов“ за животно дело во 2018 за особени достигнувања и личен придонес во развојот на архитектурата и градителството што ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ). Во богатата кариера има над 150 архитектонски проекти, од кои 75 се реализирани, 27 урбанистички проекти и детални планови, и 27 анонимни урбанистичко-архитектонски конкурси.

    Тој во подкастот за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека деталните урбанистички планови не се прават според потребите за развој на градот.

    „Целта на носење на секој план е хуманизација на простор, а не дехуманизација, како што се прави сега“, вели Радоњиќ.

    „Ние имаме густина на население која е до два-три пати поголема од онаа која е законски предвидена. Носителот на урбанистичкиот план мора да биде државата, односно Општината. Општината избира кој ќе го изработува, но проектанската куќа ќе го прави според тоа што Општината ќе подготви во проектна програма. Кога приватен инвеститорот финансира, урбанистички план не може да се контролира“, вели Радоњиќ.

    Тој во подкастот „За секого по нешто“ вели дека и пред 2000 година просторот се планирал од стручни лица и се водело сметка за почитување на стандардите за хумано живеење. Денес, според него, е многу поважно да си партиски отколку да си стручен, што е поразително.

    Вели дека голема грешка во планирањето на просторот е што моловите и бизнис-центрите се направени во центарот на градот, за разлика од сите европски градови каде се надвор од градот. Не може, вели Радоњиќ, да се цртаат маркички за згради, а околу да нема градинка или школо.

    „Ние немаме градоначалници, ние имаме локални шерифи“, вели Радоњиќ.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира