Поранешниот градоначалник на Кавадарци Александар Панов доби парична казна за кривичното дело ,,поткуп при избори или гласање“.
Во повторното судење во Основен суд Кавадарци, откако Панов го признал делото, му е изречена казна во висина од 30 дневни глоби по 10 евра, или во денарска против вредност од вкупно 18,5 илјади денари.
Според обвинението Панов во својство на градоначалник на Општина Кавадарци, на 9 декември 2016 година околу 13,30 часот, два дена пред парламентарните избори, во својата канцеларија во зградата на Општина Кавадарци, на кавадарчанец кој има избирачко право, со намера да го придобие неговиот глас во корист на партијата ВМРО – ДПМНЕ на која е член, од фиоката на работното биро извадил банкнота од 1.000 денари и му ја дал како подарок. Лицето се потпишало на бел лист хартија и при тоа обвинетиот Панов му рекол „Ние сме за да си помогнеме еден со друг“ и му рекол да гласа за ВМРО – ДПМНЕ.
Ако, обвинетиот не ја плати паричната казна 15 дена по правосилноста, и ако истата не може да се изврши ниту присилно, судот предвидел за секоја дневна глоба дека ќе определи по еден ден затвор.
Во пресудата судијата Лазар Нанев констатира дека ,,поткупот при изборите е облик на манипулација и средство за избор на измама, за што овозможува на изборите да победат и кандидати чии што способности или програма се под нивото на другите кандидати, предизвикувајќи со неправилно извршениот избор и натамошни консеквенции за вкупниот општествен живот“.
Ова е втора пресуда за истото дело, првата изречена лани во август беше ефективна два месеци затвор. Тогаш обвинетиот Панов во негова одбрана тврдеше дека не е виновен и ги обвини МОСТ и СДСМ дека водат хајка против него. Пресудата беше укинаа од Апелација Скопје и делото вратено на повторно судење.
П.ПЕЧКОВ