ПОРАНЕШНИОТ ХОТЕЛ „ВИЛА ЗОРА“ ВО ВЕЛЕС СТОИ ПРАЗЕН, НИКОЈ НЕ САКА ДА ГО КУПИ ЗА ДА БИДЕ ПЕНЗИОНЕРСКИ ДОМ

    ПОРАНЕШНИОТ ХОТЕЛ „ВИЛА ЗОРА“ ВО ВЕЛЕС СТОИ ПРАЗЕН, НИКОЈ НЕ САКА ДА ГО КУПИ ЗА ДА БИДЕ ПЕНЗИОНЕРСКИ ДОМГрадоначалникот Марко Колев вели дека се обидуваат да најдат газда за старечки дом, но и покрај заинтересираноста, тешко се наоѓа корисник. (Фото: СДК.МК)

    Поранешниот хотел „Вила Зора“ е празен и неискористен иако во Велес повозрасната популација има потреба од место каде би ги минеле старечките денови. За жал, постојниот пензионерски дом со капацитетот од 30-тината соби не може да ги задоволи ниту дел од потребите на граѓаните.

    „Велес е еден од малкуте поголеми градови во земјава, кој наспроти големата потреба, нема старечки дом. Хотелот ‘Вила Зора‘ кој примарно беше изграден како дом за стари и изнемоштени, таа функција не ја извршува. Многу млади се отселија, а нивните родители останаа сами па тие се грижат како знаат и умеат, а помагаат колку што можат соседите“, велат велешани.

    Градоначалникот Марко Колев вели дека се обидуваат да најдат газда за старечки дом, но и покрај заинтересираноста, тешко се наоѓа корисник.

    „Имаше некои луѓе заинтересирани објектот да го направат старечки дом преку јавно-приватно партнерство. Имаше средби, посети и размена на потребните информации, но немаме повратна информација какви се нивните размислувања. Потребни се поголеми инфраструктури вложувања ако се реши некој да го работи за намена старечки дом, бидејќи од Министерството за труд и социјална политика има прописи за големина на собите. Заинтересирани се наши сограѓани, потоа лица од државава, но и наши сограѓани кои живеат во странство и имаат сличен бизнис“, кажа градоначалникот Колев.

    Претходната локална власт дури и распиша повик за продажба, но во двата обида не се продаде делот на хотелот кој е во сопственост на Општина Велес. Почетната цена беше 70 милиони денари, во вториот обид цената беше намалена за 10 отсто, а на продажба беа 2.700 метри квадратни. Сега, просторот кој е на Општина Велес се нуди на закуп.

    Државата нејзиниот дел од поранешниот хотел го отстапи на користење на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, кој во просториите го смести Технолошко-техничкиот факултет со седиште во Велес.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира