Откако Владата најави дополнителни и поригорозни мерки во борбата против ширењето на коронавирусот, изминатата седмица за двојно е пораснат интересот за вакцинирање со прва доза против ковид-19 во Велес. Податоците добиени од Здравствен дом Велес покажуваат дека за шест дена, се работеше и во саботата, биле вакцинирани 233 лица, што е повеќе отколку претходно кога се вакцинираа по 120 лица.
„По период на стагнација, има зголемување на вакцинацијата со прва доза. Тоа се лица на возраст од 20 до 50-годишна возраст.. Висок е бројот на лица кои се вакцинираат со трета доза, за шест дена аплицирани се 320 вакцини. Втора доза примиле 147 граѓани“, кажа д-р Марина Тодоровска координатор на вакцинацијата против ковид-19 во велешко.
Од неодамна Институтот за јавно здравје започна да го бележи опфатот на вакцинираните граѓани на возраст од 12 години и нагоре, откако претходно беше 18+. Поради ова падна бројот на вакцинирани во велешко на 47,3%.
„Многу е мал бројот на вакцинирани на деца од 12 години и повеќе. Од септември откако започна нивната вакцинација доаѓаат и тоа во мал број деца над 15 години, во друштво и со согласност на родител“, рече д-р Тодоровска.
Се аплицира вакцината „Фајзер„ додека мал е бројот на лица кои примаат исклучиво втора доза „Синовак“ или „АстраЗенека“. Иако минале повеќе од три седмици за вакцинација со втора доза кинеска „Синовак“, деновиве по минати два и три месеци, доаѓале лица да ја примат втората доза, со различни оправдувања за спреченост по добиениот термин. Од декември во пунктот во Уред во Велес, ќе се работело само со вакцината „Фајзер“.
П. ПЕЧКОВ