Поскапе тарифата на такси-превозот во Битола. Стартот со пресметан еден километар ќе чини 60 денари, за секој следен километар ќе се плаќа 25 денари. Чекање од еден час ќе чини 300 денари. Претходно, цената на старт чинеше 30 денари плус 20 денари за километар.
Одлуката за поскапувањето беше донесена на седница на Советот, а како образложение беа посочени поскачувањето на горивото, резервните делови, поскапата регистрација за лиценцирани возила, недостигот на возачи, нелојалната конкуренција и друго.
„Се соочуваме со недостаток на возачи, колата не може да работи две смени, работи една и ние како сопственици возиме по 10 до 12 саати на ден за да стигнеме да исплатиме некои од трошоците. Работиме 28 до 30 дена во месецот за да ги платиме давачки, меѓу кои и фирмарини, зашто во сите други градови се ослободени од фирмарини, а ние плаќаме. Се сложивме да нема ноќна или празнична тарифа. Но, по старите цени не можеме да опстоиме. Ако не се почитуваат нашите барања, ќе мора фирмите да ги затвориме и да бидиме диви“, рекоа од Здружението на лиценцирани такси превозници.
На седницата, советниците како еден од проблемите го истакнаа постоењето диви такстисти. Рекоа дека во градот има 500 диви такси возила, а лиценцирани се 150 до 170, па неопходни се зачестени контроли од инспекцијата и МВР.
„Не сме партиски кон никого приврзани. И едните и другите бевте на власт, ни едните ни другите не го решивте проблемот со дивите таксисти. Од Инспекторатот кога ќе излезат со полиција на терен да вршат контроли, пет пати во годината, нè затекнуваат нас, зашто ние имаме таблици и не ги пикаме таблите во багажникот. Има група на вибер меѓу инспектори, полицајци и диви такстити каде се информираат каде е контролата“, рекоа од Здружението.
Ж. ЗДРАВКОВСКА