ПОСКАПУВААТ УСЛУГИТЕ НА ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА И ТАКСИ-ПРЕВОЗОТ ВО ОХРИД

    ПОСКАПУВААТ УСЛУГИТЕ НА ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА И ТАКСИ-ПРЕВОЗОТ ВО ОХРИДОд советничката група на СДСМ реагираат дека во време на висока инфлација, локалната власт дополнително ги оптоварува граѓаните со нови поскапувања. - Такси возила во Охрид (Фото: СДК.МК)

    Цените на услугите на јавните претпријатија во Охрид се зголемуваат. Граѓаните ќе плаќаат од 30 до 50 проценти повисоки сметки за услугите на „Нискоградба“, „Билјанини Извори“, „Градски гробишта“ и „Охридски Комуналец“.

    За владејачкото мнозинство и раководствата на јавните претпријатија, поскапувањето на одредени услуги е економски оправдано поради растот на цените на горивата, репроматеријалите и зголемувањето на минималната плата. Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, смета дека корекцијата на цените е реална и неопходна.

    „За да се задржат работниците и да се покријат реалните трошоци во јавните претпријатија, во услови на зголемени цени на горива и репроматеријали, мора да се изврши корекција на цените. Тоа не е процес што се прави секој месец. Се соочуваме со речиси двојно зголемување на средствата за исплата на плати, како и со зголемени трошоци за нормално функционирање“, вели Китески.

    Од советничката група на СДСМ реагираат дека во време на висока инфлација, локалната власт дополнително ги оптоварува граѓаните со нови поскапувања.

    „Поскапувањата се движат од 30 проценти па нагоре – паркингот поскапува за 30 проценти, гробарината за 50 проценти, а комуналните услуги исто така за околу 30 проценти. Станува збор за режиски трошоци кои директно паѓаат на товар на граѓаните“, изјави советникот од СДСМ, Јане Тодороски.

    Советничката од СДСМ, Лидија Неданоска, посочи дека ваквите покачувања се непропорционални и неоправдани: „Граѓаните, наместо 1.000 денари, ќе плаќаат 1.500 денари за гробарина. Ниту зголемувањето на минималната плата, ниту инвестициите во инфраструктурата не можат да бидат оправдување за толку високи поскапувања. Не можеме да се согласиме со мерки кои директно го погодуваат стандардот на охриѓани“.

    Советникот од ВМРО-НП, Ванчо Костоски, смета дека наместо покачување на цените, јавните претпријатија треба да се фокусираат на зголемување на ефикасноста и рационализација на трошоците, со цел да не се префрла товарот врз граѓаните.

    Советот на Општина Охрид донесе и одлука за зголемување на цените на такси-превозот, која ќе стапи на сила на 6 мај. Новата тарифа предвидува стартна цена од 50 денари и 50 денари за секој изминат километар, додека ноќната тарифа изнесува 100 денари старт и 50 денари по километар. Досега стартната цена беше 50 денари, а секој нареден километар чинеше 35 денари преку ден (од 05 до 23 часот) и 45 денари во ноќниот период (од 23 до 05 часот).

    Со цел да се спречат можни злоупотреби, таксиметрите сега се баждарени и технички обезбедени, така што тарифите не можат да се менуваат по волја на возачите. Дополнително, постои иницијатива ценовниците задолжително да бидат истакнати на видливо место на возилата, најчесто на вратата. Целта е патниците да бидат јасно информирани и да се спречат честите злоупотреби од страна на дел од таксистите кои, наместо да возат по таксиметар, се пазарат со клиентите. Од такси-компаниите кои ги почитуваат законските прописи велат дека таквото однесување му нанесува огромна штета на имиџот на градот и на туризмот.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира