ПОСЛЕ БОЖИЌ ЌЕ ПОЧНЕ ПОВРШИНСКО ЧИСТЕЊЕ НА ДЕПОНИЈАТА ВАРДАРИШТЕ, ОДГАСНУВАЊЕ ВО АВГУСТ

    ПОСЛЕ БОЖИЌ ЌЕ ПОЧНЕ ПОВРШИНСКО ЧИСТЕЊЕ НА ДЕПОНИЈАТА ВАРДАРИШТЕ, ОДГАСНУВАЊЕ ВО АВГУСТДепонијата Вардариште се запали на 31 август и гореше со денови. (Фото: СДК.МК)

    После Божиќ ќе почне површински да се чисти депонијата Вардариште. Ова им го ветил градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски на претставниците на граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“ на состанокот на 30 декември. Им било речено дека депонијата ќе ја чистат екипи на ЈП „Улици и патишта“ и механизација од Општина Гази Баба, а ќе бидат ангажирани и приватни фирми.

    „Не беше посочен конкретен рок кога ќе се исчисти депонијата бидејќи процесот зависи од згрижувањето на ранливото население, за што е надлежно Министерството за социјална политика, демографија и млади. Според заменик-министерот Ѓоко Велковски, оваа постапка треба да заврши до крајот на 2026, а за неа веќе постои владина одлука“, велат од „Стоп за Вардариште“.

    На состанокот било кажано дека по празниците ќе биде објавена тендерска постапка од Град Скопје за одгаснување на депонијата, а целосната проектна документација, вклучително и ревизија на физибилити студијата од 2014 година, треба да биде готова до крајот на мај. Ѓорѓиевски ветил дека почетокот на одгаснувањето е планиран за август, а целиот процес ќе биде отворен за медиумите и јавноста.

    Од „Стоп за Вардариште“ било укажано дека при последните посети на депонијата бил забележан само еден полицаец во цивилно возило. Ѓорѓиевски рекол дека ЈП „Комунална хигиена Скопје“ врши надзор и спроведува вечерни патроли.

    Депонијата Вардариште постојано се пали, а летово пожарот траеше со денови, по што граѓани излегоа на протести барајќи нејзино итно чистење. Ѓорѓиевски во кампањата за локалните избори вети дека во неговиот четиригодишен мандат ќе направи парк на местото на депонијата.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира