ПОСЛЕДНИТЕ ТЕРМИНИ ГОДИНАВА ЗА БЕСПЛАТНИ ВАКЦИНИ ПРОТИВ СЕЗОНСКИ ГРИП ВО ВЕЛЕС СЕ ПОТРОШЕНИ ЗА КРАТКО ВРЕМЕ

    ПОСЛЕДНИТЕ ТЕРМИНИ ГОДИНАВА ЗА БЕСПЛАТНИ ВАКЦИНИ ПРОТИВ СЕЗОНСКИ ГРИП ВО ВЕЛЕС СЕ ПОТРОШЕНИ ЗА КРАТКО ВРЕМЕДосега вкупно 1.600 велешани се вакцинираа против грип. (Фото: СДК.МК)

    Во последните денови од годинава, сè уште интензивно трае вакцинацијата против сезонскиот грип. За оваа седмица преку „Мој термин“ за Велес има 210 термини за бесплатна вакцинација, кои матичните доктори за кратко време  ги потрошиле.

    „Иако сме далеку надвор од календарот за вакцинација, таа продолжува и за истата има голем интерес, поради потребите на одредени категории граѓани. Доделените термини бргу се потрошија во петокот попладне“, вели матичен доктор од Велес.

    Досега во Велес беа доделени околу илјада бесплатни вакцини за сезонски грип, што можеа да ги добијат постарите лица над 65 години,  лица со хронични болести, бремени жени и здравствени работници.

    Комерцијална вакцинација во Велес, која ја спроведуваше Центарот за јавно здравје, траеше два дена, во средината на декември, за колку време се потрошија 400 вакцини, а цената беше 800 денари. Со ова, вкупно 1.600 велешани добија можност да се вакцинираат против грип.

    Овој период е забележана најмала регистрирана бројка на заболени од грип во изминативе години. Од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), ги презентираа податоците заклучно со 20-ти декември, за состојбата со грип сезона 2020/2021. Вкупниот број на заболени изнесува 323 лица во земјава, што е 51,8% помалку во споредба со истиот период минатата сезона. Најмногу пријавени случаи од матичните доктори во декември има во Дебар, 54 лица.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира