Скелиња се поставени околу цела зграда на поранешен „Технометал-Вардар“ во најстрогиот центар на Скопје, а со лимени тараби е ограден и просторот. Внатре во зградата се донесени градежни матријали за реконструкција на објектот кој треба да стане хотел. Сопственик на зградата е фирмата „Буши фешн“, која го купи објектот кога „Технометал-Вардар“ отиде во стечај.
Иако на терен се почнати градежни работи за реконструкција на објектот и адаптација во хотел, од Општина Центар велат дека досега немаат издадено никаква дозвола за овој објект.
„Во Деталниот урбанистички план Мал Ринг предвидено е објектот на градежна парцела 4.5.6 да се задржи во постојна состојба, што значи дека не е предвидена надградба или доградба за конкретната градежна парцела. Согласно Законот за градење, потенцијалниот инвеститор би можел да побара одобрение за реконструкција, адаптација или пренамена за дел од објектот. Општина Центар – Скопје досега нема издадено одобренија за реконструкција, адаптација или пренамена“, велат од Општина Центар.
Зградата на „Технометал-Вардар“ е изградена во 1980 година и е со површина од 8.000 метри квадратни. Зградата е дело на архитектите Димитар Димитров и Росанда Минчева, и е едно од препознатливите објекти на современата македонска архитектура.
Беше ставена на продажба откако во 2019 беше отворена стечајна постапка за „Технометал-Вардар“. Поради обврски кон „Комерцијална банка“ објектот беше одземен од банката, а потоа ставен на продажба, по што зградата беше купена од „Буши фешн“.
„Технометал-Вардар“ беше основана пред 60 години и во времето на поранешна Југославија беше водечка фирма во трговија со мермер, челик, обоени матели и неметали, опрема, машини и друго.
А. АНТЕВСКА