Потребно е дополнително статичко појачување на конструкцијата на опожарената Универзална сала, покажеле новите, дополнителни испитување кои ги нарача министерот за култура Зоран Љутков. Врс основа на новите испитувања извршени се измени и дополувања на проектот, кој сега треба да ги опфати и градежните работи околу појачување на конструкцијата.
„Според овие анализи се изврши измена на проектната документација во форма на нова проектна документација, по која до крајот на овој месец ќе биде и објавен јавен оглас за избор на субјекти за изведба и стручен надзор за реконструкцијата. Се отстранија и сите други административни пречки и недостатоци во постапапките и очекувам продолжување со реконструкцијата, што би било некаде во текот на месец септември оваа година“, рече министерот Љутков.
Универзална сала се запали на 9 април лани, само еден месец откако продолжија градежните работи за нејзина реконструкција. Почна да се реновира кон крајот на мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов во 2021. Со доаѓањето на градоначалничката функција на Данела Арсовска работите беа стопирани и две години ништо не се работеше. Потоа со одлука на Владата, Министерството за култура ја презеде Универзална сала додека министерка беше Бисера Костадиновска-Стојчевска и се продолжи со реконструкцијата која беше стопирана поради пожарот.
Со доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ, министерот Зоран Љутков кажа дека Универзална сала била незаконски преземена од Град Скопје и оти со реконструкцијата ќе се продолжи кога ќе се надминат сите пречки.
Костадиновска-Стојчевска во октомври лани доби кривична пријава оти не распишала нов тендер за изградба на концертната сала. Пријавата е за сторено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик, поради тоа што не спровела нова јавна набавка за реконструкција на Универзалната сала, туку ги презела обврските што ги имал Град Скопје пред преземањето од Владата. Пријавата до Основното јавно обвинителство Скопје ја поднесе Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за економски криминал и корупција во координација со Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Сектор за криминалистички истраги и Единицата за финансиски криминал.
А. АНТЕВСКА