Скопскиот Апелациинен суд ја потврди ослободителната пресуда за случајот убиството во село Ореше. Тројцата обвинети Ѓоре Петрески, како нарачател, и браќата Ордан и Љупчо Ѓоргиевски се правосилно ослободени од вина. Така, еден од најдолгите судски процеси во македонската судска пракса заврши. Трите сега ослободени лица беа посочени дека стојат зад убиството на старецот Лазо Милошевски (71) кое се случи пред 13 години на 2 декември 2005 околу 20,45 часот додека Милошевски подготвувал вечера во сопствениот дом во село Ореше.
„Пресудата е филигрански прецизна, со одлична анализа на доказите, по која судијката Тања Милева доби унапредување во Апелација. Селото Ореше е револуционерно и секој дом поседува некаков вид оружје и оружјето со кое е сторено делото а не е пронајдено, може да припаѓа секому“, вели адвокатот Коста Нојков, бранителот на Петревски.
Полицијата на прес-конференција на 4 ноември 2008 се пофали дека убиството во село Ореше е расчистено и посочи тројца осомничени. Доказите беа заштитен сведок, прв во историјата на македонската пракса и рамката од пушката од која наводно било пукано. Но, со време доказите паѓаа. Апелација ја отфрли рамката како доказ а заштитениот сведок го откри својот идентитет Златко Арсов, го смени исказот по што доби и затворска казна затоа што лажно сведочел. Блиските на убиениот Милошевски се разочарани.
„Официјално сега ништо не се знае, кој го уби дедо ми иако неофицијално сè е познато. За жал минавме низ голгота сите овие години а полицијата потфрли во истрагата и подоцна судот стана контрадикторен. Само ќе прашам каде отидоа барутните честички како доказ што беа присутни во првите судење, потоа никој не се осврна на нив“, рече Соња Арсова, внука од син на убиениот Лазо.
Во осумгодишниот судски процес имаше шест пресуди, четири беа затворски и две ослободителни. Во сите претходни адвокатот Нојков бараше одлука со која Петревски од САД е пренесен во Македонија, оти барањето за екстрадиција тамошниот истражен судија веднаш го отфрлил. Причина беа почетните 50 илјади долари колку што обвинителството тврдеше дека се платени за убиството, никогаш не биле префрлени преку сметки од страна на Петревски кој во Америка беше потоа во имиграциски притвор, му истекла визата. Таков проток на пари немало. Немало ниту 20 илјади колку што подоцна тврдеше обвинителството за на крај да се одлучат за сума од 3,2 илјади долари, што го констатира и судијката во пресудата. Во анализата на доказите пишува дека од местото од каде е пукано 30 метри од куќата на Милошевски, од дворот на соседот, биле пронајдени траги од обувки. Истрагата открила дека сите четири биле на лица кои критичниот ден растоварале дрва за огрев, но не и на браќата Ѓоргиевски. На истото место бил пронајден отпушок од цигара, кој не можел да се доведе со ДНК на браќата оти бил од женско лице со нулта крвна група. Ниту влакната пронајдени на местото од каде е пукано не можеле да се доведат во корелација со Љупчо и Ордан, оти влакната биле од животинско потекло. Кога беше објавена првостепената ослободителна пресуда браќата Ордан и Љупчо Ѓоргиески рекоа дека „конечно дојде животот во Македонија“ и дека минале по 30 месеци во притвор, а случајот бил местенка од врвот на тогашното раководство на МВР.
П. ПЕЧКОВ