ПОВЕЌЕ ЈАБОЛКА НА ЗЕМЈА ОТКОЛКУ НА ГРАНКИ, АБНОРМАЛЕН РОД ВО ПРЕСПА ПОРАДИ КЛИМАТСКИОТ СТРЕС

    ПОВЕЌЕ ЈАБОЛКА НА ЗЕМЈА ОТКОЛКУ НА ГРАНКИ, АБНОРМАЛЕН РОД ВО ПРЕСПА ПОРАДИ КЛИМАТСКИОТ СТРЕСКлиматските услови направија брзо созревање на плодовите, се намали нормалното времетраење на берба, па овоштарите во трка со времето даваат сѐ од себе да се собере родот (Фото: СДК.МК)

    Сјајот и бедата на Преспа, вака преспанци ја коментираат моменталната состојба во овоштарниците каде има повеќе паднати јаболка на земјата отколку по гранките.

    „Сјајот се состои во убавината на глетката, зелени јаболкници натежнати од црвени и жолти јаболка. Но, бедата е тоа што годинава голем дел од јаболката испаѓаа на земја, дел погодени од невремето, дел од климатските промени, па нема да донесат голем бериќет оти ќе се продадат како индустриско јаболко“, вели овоштарот Симе Никлевски од Ресен.

    Глобалното затоплување и климатските промени од кои веќе со години е погодена Преспа, регион најбогат со јаболка во Македонија, предизвика стрес кај овошките и појава на абнормална продукција на јаболка, објаснуваат од Здружението на овоштари „Благој Котларовски“ од Ресен. Претседателот Љубе Папулевски вели дека минатата година фатиле доцни пролетни мразеви, а негативните температури од -5 до -11 степени до тогаш биле непозната појава за овој регион. Ваквата клима не само што лани го редуцирала производството на јаболка за 90 проценти, туку предизвикала и силен стрес кај овошките кој ќе има последици и во следните години.

    Поради преоптовареноста на овошките, доаѓа до оштетување на нивните стебла и гранки, а јаболките сами се оттурнуваат и паѓаат на земја (Фото: СДК.МК)

    „Оваа година како последица на стресот предизвикан од претходната година, на овошките им беше нарушена хармонијата на нормално и оптимално плодородење и истите ги заврзаа сите цветови кои беа расцветани оваа пролет. Како резултат на овој процес добивме абнормална продукција на јаболка. Поради преоптовареноста на овошките, доаѓа до оштетување на нивните стебла и гранки, а јаболките сами се оттурнуваат и паѓаат на земја. Климатските услови направија брзо созревање на плодовите, се намали нормалното времетраење на берба, па овоштарите во трка со времето даваат сѐ од себе да се собере родот“, вели Пампулевски.

    Ситуацијата е поотежната зашто делови на Преспа беа зафатени во неколку наврати од силно невреме проследено со обилни врнежи град.

    „Во овоштарниците кои беа зафатени од невремето целиот род на јаболка ќе биде за индустриска преработка и овие јаболка буквално се истресени на земја како подготовка за масовно собирање на индустриско јаболко. Вкупните количини на ова јаболко би достигнале 60.000 тони“, вели Папулевски.

    Индустриското јаболко се откупува по цена од денар за килограм, а со интервентната мерка на Владата ќе се субвенционираат 3 денари по килограм и ќе бидат исплатени до март 2019, за предадени јаболка до 25 декември 2018. Сепак, земјоделците се жалат дека откупот на индустриското јаболко се одвива многу отежнато. Македонскиот пазар е заситен со трпезно јаболко, бидејќи понудата повеќекратно ја надминува побарувачката, па со тоа и цената на чинење е со тренд на опаѓање.

    „Трговците тоа вешто го користат, па имаме цени од 8-12 денари за килограм јаболка со екстра квалитети со недоволен интензитет на откуп“, велат од Здужението на овоштари од Ресен.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира