ПОВОЗРАСНИ ПЛАНИНАРИ ТРГНАА ПЕШ ОД СТРУМИЦА КОН СКОПЈЕ ЗА НА 26 ФЕВРУАРИ ДА МУ ОДДАДАТ ПОЧИТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ БОРИС ТРАЈКОВСКИ

    ПОВОЗРАСНИ ПЛАНИНАРИ ТРГНАА ПЕШ ОД СТРУМИЦА КОН СКОПЈЕ ЗА НА 26 ФЕВРУАРИ ДА МУ ОДДАДАТ ПОЧИТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ БОРИС ТРАЈКОВСКИМаршираат 15 планинари од Струмица, Валандово, Гевгелија, Радовиш и Штип и речиси сите во поодминати години. (Фото: СДК.МК)

    Планинари од Југоистокот денеска од пред споменикот Македонија во градскиот парк во Струмица го почнаа маршот кон Скопје во чест на загинатиот македонски претседател Борис Трајковски. Тие во наредните денови во неколку етапи ќе го пешачат патот долг околу 200 километри,  за да на 26 февруари положат цвеќе на гробот на Трајковски. Ова е 20. по ред планинарски марш, а учествуваат 15 планинари од Струмица, Валандово, Гевгелија, Радовиш и Штип и речиси сите во поодминати години.

    „Сè помалку и помалку имаме млади планинари кои сакаат да пешачат до Скопје. Се надеваме дека догодина ќе има и млади учесници, кои повеќе ги има на планинарското искачување на врвот Ботра на Беласица висок 1.880 метри кој го именувавме во чест на покојниот претседател“, кажа претседателот на Планинарското друштво „Ентузијаст“ Андон Спасов.

    Трајковски, вториот претседател на Македонија, кој стапи на функцијата на 15 декември 1999, загина во авионска несреќа на 26 февруари 2004 кога државниот авион падна кај Ротимље во Босна и Херцеговина, на пат за економска конференција во Мостар.

    „Ова ми е осма година по ред како пешачам за Борис Трајковски од Струмица до Скопје. По патот сите нè поздравуваат и евоцираме спомени за нашиот претседател. Но за жал, нема млади кои сакаат да го продолжат овој марш. Јас имам 69 години и не се жалам“, вели Лазар Митрев, планинар од Валандово.

    Четириесеттина други планинари од земјава и Бугарија денеска и утре ќе пешачат и по падините на планината Беласица и ќе го искачуваат врвот Ботра. Како што кажа Никола Ристов од „Ентузијаст“, со заедничкото искачување на овој врв планинарите од двете држави ќе упатат порака за Балкан без граници, за што се залагаше и претседателот Трајковски

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира