Заврши реконструкцијата на железничката пруга од Скопје до Зелениково и од денес повторно сообраќаат железничките патнички возови кон Гевгелија и кон Велес, соопштија од Јавното претпријатие (ЈП) Македонски железници (МЖ)-Инфраструктура.
Остануваат двата пара воза утрински и попладневен од Скопја за Гевгелија и обратно и утринскиот од Велес за Скопје и ноќниот од Скопје за Велес. Нема да сообраќаат пладневните возови на оваа релација. Одреден период нема да сообраќа ниту еден од трите патнички воза од и за Битола. Причина е реконструкцијата на мостот кај село Лознани- Пелагонија, каде се работи на експресниот пат Прилеп-Битола. Најавите се дека до крајот на месецов, кога ќе завршат градежните работи, повторно ќе се воспостави и железничкиот превоз за Битола.
Од МЖ-Инфраструктура потсетуваат дека патничките возови беа запрени поради изведување градежни работи на пругата Скопје-Велес, како дел од активностите за реализација на проектот Градски воз, од Скопје до Зелениково.
Патниците пак, кои ги има сѐ помалку со железница, очекуваат дека со реконструкцијата на оваа делница, нема повеќе на релацијата Скопје-Велес да се патува по два и повеќе часови, откако лани на 2 април надојдената Маркова Река однесе дел од пругата. Возовите патуваа со брзина од 2о-30 км/час.
П. ПЕЧКОВ



