ПОВТОРНО ЌЕ СЕ ГРАДИ ЛОВЕЧКАТА КУЌА НА ПЕЛИСТЕР, УШТЕ НЕ Е ОТКРИЕНО ЗОШТО ИЗГОРЕ ВО 2021

    ПОВТОРНО ЌЕ СЕ ГРАДИ ЛОВЕЧКАТА КУЌА НА ПЕЛИСТЕР, УШТЕ НЕ Е ОТКРИЕНО ЗОШТО ИЗГОРЕ ВО 2021Ловечката куќа беше изградена пред повеќе од половина век на надморска височина од 1.950 метри на главниот пат за врвот Антена. (Фото: СДК.МК)

    На местото на поранешната планинарска куќа „Ловечка“ на Пелистер која изгоре во ноември 2021,  ќе се изгради мултифункционален објект за рана детекција на пожари, мониторинг на видови и планинарско катче. Минстерот за животна средина и просторно планирање Мухамед Хоџа на Пелистер најави дека годинава планираат дополнителна поддршка за Националниот паркСЗ.

    „Ќе инвестираме во современ објект за зајакнување на капацитетите за рана детекција и следење на шумски пожари. Исто така ќе продолжиме да работиме и на долгорочна заштита на овие вредни природни ресурси за сегашните и идните генерации“, рече Хоџа.

    Директорот на Националниот парк „Пелистер“, Иванчо Тошевски, рече дека повеќе од 90 проценти од посетителите на Пелистер минуваат кај таа локација, па тој објект освен што ќе има заштитна функција, ќе биде отворен и за сите посетители.

    „Станува збор за локацијата Ловечка каде имавме еден разрушен објект, во периодот кога станав директор. Полека почна да станува една депонија која беше закана за ширење пожар. И немавме друга опција освен да го срушиме она што беше останато до опожарениот објект и набрзо потоа почнавме со планирање на нов објект кој ќе биде мултифункционален. Остануваат уште некои ситни формалности, па да почнеме со постапка за јавна набавка, избор на најповолен понудвач, склучување договор и изградба“, рече Тошевски.

    Надлежните не можеа да го дефинираат  рокот за изградба зашто градбата ќе биде на 2.000 метри надморска височина, на планина, каде и временската рамка за градежни активности е сосема мала.

    На прашањето кој национален парк е најприоритетен и каде најмногу се вложува, министерот Хоџа кажа дека сите се подеднакво важни и се поддржуваат. Тошевски додаде дека соработката со Министерството за животна средина е многу подобрена и дека „Не станува збор за натпревар кој повеќе ќе добие, туку кој повеќе ќе сработи“.

    Ловечката куќа беше изградена пред повеќе од половина век на надморска височина од 1.950 метри на главниот пат за врвот Антена. Беше изградена за да во неа да престојуваат вработените на пат кон пунктот на Македонската радиодифузија. Воедно со години се користеше и од други посетители на планината, како и од сточари. Изгоре во пожар во 2021,  а до денес не се откриени причините и сторителите.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира