ПОВТОРНО ОТСТРАНЕТА СПОМЕН ПЛОЧАТА ЗА ЗАГИНАТИТЕ БРАНИТЕЛИ ВО КАРПАЛАК

    ПОВТОРНО ОТСТРАНЕТА СПОМЕН ПЛОЧАТА ЗА ЗАГИНАТИТЕ БРАНИТЕЛИ ВО КАРПАЛАКСпомен плочата неколкупати е кршена откако беше поставена во 2004, а сторителите во ниеден случај не се откриени (Фото: СДК.МК)

    Спомен плочата посветена на десеттемина бранители, кои на ѕверски начин беа убиени во месноста Карпалак на патот Тетово-Скопје во конфликтот во 2001 година, по којзнае кој пат е оштетена. Овојпат, непознати сторители ја откорнале плочата од бетонската банкина покрај автопатот и најверојатно ја однеле. Таа неколкупати е кршена откако беше поставена во 2004, за последен пат во 2010 година.

    „Спомен плочата по којзнае кој пат е оштетена, но ние, бранителите, ги уверуваме сторителите дека повторно ќе ја обновиме и ќе ја поставиме на истото место. Сакаме да им порачаме, а воедно и да ги разочараме оние кои го прават ова злодело дека ние нема да дозволиме тие да си играат со нашите чувства. Овие десетмина бранители го дадоа најсветото нешто за својата татковина и токму затоа треба и органите да вложат поголеми напори конечно да се пронајдат сторителите“, изјави Марин Најдов, претседател на Одборот на бранители.

    На ова место, конвој на АРМ беше нападнат од заседа на 8 август 2001. Во најтесниот дел од патот кон Тетово, албанските терористи го ракетираа конвојот со рачни фрлачи. Еден проектил го погоди автобусот полн со војници. Благодарение на возачот Ацо Јовановски Реган, кој со невидени храброст и пожртвуваност успеа запалениот автобус да го извлече од заседата, беа спасени животите на останатите бранители. Во нападот загинаа десетмина бранители од Прилеп. Секоја година на 8 август, преживеаните бранители апелираат на ова место да се постави подостоинствен споменик, место една обична мермерна плоча, закачена на банкината од патот. Иако досега сите влади ветуваа дека ќе се изгради едно достоинствено обележје, тоа досега никој не го направи.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира