ПОВТОРНО СЕ ОТВОРА МОДУЛАРНАТА БОЛНИЦА ВО ГЕВГЕЛИЈА ПОРАДИ ГОЛЕМ БРОЈ БОЛНИ ОД КОВИД-19

    ПОВТОРНО СЕ ОТВОРА МОДУЛАРНАТА БОЛНИЦА ВО ГЕВГЕЛИЈА ПОРАДИ ГОЛЕМ БРОЈ БОЛНИ ОД КОВИД-19Модуларната болница беше затворена лани во мај. (Фото: СДК.МК)

    Состојбата со коронавирусот во Гевгелија драстично е влошена, констатираа членовите на Општинскиот кризен штаб откако рапидно се зголеми бројот на хоспитализирани лица во ковид-центарот но и пациентите кои се на дневна болница во оваа општина. Од таа причина, како што кажа директорот на болницата во Гевгелија Димитар Крџев, во моментов се размислува за организација на медицинскиот персонал за повторно отворање на модуларната болница која беше затворена лани во мај.

    Во моментов, во Ковид-центарот сместен на Нервно-психијатриското одделение хоспитализирани се 16 пациенти иако капацитетот е 12 легла.

    „Имаме зголемен прилив на пациенти како на дневна болница така и во ковид-центарот. Ако пред некој ден имавме шест хоспитализирани и петнаесетина пациенти на дневна терапија, сега бројките се поголеми. Ковид-центарот е преполн и затоа сме во фаза на отворање на модуларната болница, каде што дополнително ќе се сместуваат пациенти кои се со потешка клиничка слика“, рече Крџев.

    Во оваа општина во моментов официјално се водат околу 300 активни случаи со коронавирус. Лекарите тврдат дека бројката е трипати поголема, имајќи во предвид на домашно тестирање и чекање на поизразени сиптоми па тогаш да се пријават во болница.

    „Мислам дека во Гевгелија има над илјада заразени, поради што расте притисокот во болницата. Ние како лекари сме веќе преморени и ќе мора граѓаните да сфатат дека работата ни најмалку не е за занемарување. Ова е резултат на непочитување на мерките на кои контуинирано апелиравме. Омикрон сојот и не толку наивен како што се мислеше и тој може да предизвика компликации и болнички хоспитализации, а на кои сме сведоци во моментов“, вели Патрик Мат, специјалист-интернист во Гевгелиската болница.

    Гевгелискиот кризен штаб апелираше до сите правни субјекти, посебно угостителсктие објекти, маркетите, превозниците доследно да ги применуваат заштитните мерки, а инспекторите да вршат поголеми контроли.

    Гевгелија важеше за една од општините со најголем опфат на вакцинирани лица против ковид-19 , но како што велат лекарите, поради опуштање на граѓаните и непочитување на мерките, бројката на новоинфицирани постојано расте. Од почетокт на пандемијата, во Гевгелија вкупно заболеле 3.533 лица, а од последиците на ковид починале 97 лица.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира