Потребна е нова Стратегија за справување со кризна состојба како онаа со пожарите кои неодамна ја зафатија државата, подобрување на системот за управување со кризи, но и набавка на противпожарна опрема и возила, рекоа денеска градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и заменик- претседателот на Владата за политички систем Љупчо Димовски.
„Проблемите се во нефункционирање на системот. Летните пожари се всушност огледалото на државата која не функционира како што треба и затоа треба да се трансформира тој систем“, рече Димовски.
Димовски кажа дека е можно спојување на Дирекцијата за заштита и спасување со Центарот за управување со кризи но и тоа, како што рече, нема да биде конечно решение за да профункционира системот. Според него потребна е Стратегија која би се работела во чекори.
„Првиот чекор ќе биде да бидеме максимално подготвени за следната година, да исклучиме каков било ризик од нешто слично што се случи ова лето. Затоа во следниот период, покрај оваа Стратегија, ќе треба да се изменат отприлика 10 па и повеќе закони, да се изготви нов закон за пожарникарство, да се прошират институциите кои ќе бидат вклучени во системот“, кажа Димовски.
Според Димовски, во Македонија драстично е намален сточниот фонд, па нема искористување на просторот предвиден за пасишта, а високите треви се иницијалната причина за појавата на пожарите. Проблем претставува, рече тој, и недисциплинираното и неодговорно слободно движење низ шумскиот појас како и недоволната превентива.
Македонија располага со 3 „ер-трактори“ од кои само еден е во функција, а останатите два треба да се сервисираат и неколку хеликоптери од Министерството за внатрешни работи (МВР) и Министерството за одбрана. Според Димовски, овие воздухоплови се доволни за да помогнат во гасењето на пожарите, но нема доволен број пилоти кои можат да ги управуваат.
Градоначалникот Пецаков рече дека предизвикот, борбата и справувањето со пожарите покажаа дека се потребни законски измени за вклучување на одредени институции или нивно спојување.
„Заклучоците кои ќе произлезат на нас како локални самоуправи се важни, затоа што противпожарните единици се директно контролирани од самите Општини и се клучни во гасењето на пожарите. Ќе придонесат на полесен начин да се справуваме со сите предизвици, а и не само со кризи како што е пожар туку и секоја друга криза која може да не снајде како држава“, изјави Пецаков.
Општина Охрид во изминатите 2,5 години набави доволен број возила и опрема, а целосно комплетирање на противпожарната единица се најавува за следната година.
С. ВРЕНЦОВСКА