ПОЖАРНИКАРИТЕ ОД ЈУГОИСТОКОТ ЌЕ ДОБИЈАТ СПЕЦИЈАЛНА ОПРЕМА И ОБЛЕКА  ЗА ШУМСКИ ПОЖАРИ

    ПОЖАРНИКАРИТЕ ОД ЈУГОИСТОКОТ ЌЕ ДОБИЈАТ СПЕЦИЈАЛНА ОПРЕМА И ОБЛЕКА  ЗА ШУМСКИ ПОЖАРИСега пожарникарите имаат униформи само за гаснење на пожари во урбани средини- Од пожаров летово кај граничниот премин Богородица.(Фото:СДК.МК)

    Вкупно 112 пожарникари вработени во четирите Противпожарни единици во Струмица, Радовиш, Гевгелија и Валандово ќе добијат нова опрема и униформи со кои ќе интервенираат при шумски пожари. Набавката на новите одела ќе ја реализира Центарот за развој на Југоисточниот плански регион со европски пари од проектот ,,Прекугранична соработка во справување со шумсkи пожари’’. Сите пожарникарите од Југоистокот досега користеле еден тип на униформи, иако според стандардите треба да поседуваат посебни за пожари во урбани средини, а посебни при шумски пожари.

    „Постојат два типа на одела за гаснење на пожари. Сите наши Противпожарни единици ги имаат оделата за гаснење во урбани средини кои се несоодветни и далеку потешки од оние што треба да се користат при интервенција на шумски пожари. Со истите ќе се унапреди безбедноста и функционалноста на пожарникарите од регионот и нивен навремен и соодветен одговор против шумските пожари. Инаку со проектот се планира да се набават и пумпи, противпожарни црева и моторни пили за сите четири едници во регионот“, кажа Жулиета Ѓуркова од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.

    Проектот планира и иницирање на волонтерски Противпожарни здруженија во Југоистокот бидејќи постојат само две во општините Дојран и Конче, а ќе се креира и прекугранична мрежа за спречување и одговор на опасности по природата и животната средина во прекуграничниот регион. Проектот се имплементира во соработка со Асоцијацијата на Југозападни општини од Благоевград.

    „Вкупната вредност на овој проект изнесува околу 395 илјади евра од кои 198 илјади ќе бидат искористени за набавката на оделата и опремата за пожарникарите во Југоисточниот регион за кои се планирани и посебни обуки од страна на меѓународни сертифицирани едукатори“, рече Ѓуркова.

    Во наредниот период, Центарот за развој на Југоисточниот плански регион треба да склучи договор за реализација на прекуграничен проект и со соседна Грција со кој ќе се набават и противпожарни возила за единиците во Струмица и Гевгелија.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира