ПОЖАРНИКАРИТЕ СЕ БОРАТ ДА ГО ЛОКАЛИЗИРААТ ПОЖАРОТ ВО „ЖИТО БИТОЛА“ ЗА ДА НЕ СЕ ПРОШИРИ НА СИЛОСИТЕ

    ПОЖАРНИКАРИТЕ СЕ БОРАТ ДА ГО ЛОКАЛИЗИРААТ ПОЖАРОТ ВО „ЖИТО БИТОЛА“ ЗА ДА НЕ СЕ ПРОШИРИ НА СИЛОСИТЕОгнот веќе го изгоре покривот од главната зграда на капацитетот, а гори и највисокиот кат. (Фото: СДК.МК)

    Две лица биле присутни во објектите кога избувнал пожарот во мелничко- пекарскиот капацитет „Жито Битола“ во Битола, но навреме успеале да избегаат и според првичните податоци, нема жртви во големиот пожар. Огнот веќе го изгоре покривот од главната зграда на капацитетот, а гори и највисокиот кат.

    Пожарникарите се обидуваат да го локализираат огнот да не се прошири на околните објекти кои се дел од некогашната мелничко-пекарска индустријата „Жито Битола“, а пред сè да не дојде до силосите со жито. Во гаснењето вклучени се девет возила и 27 пожарникари, а градоначалникот Тони Коњановски кажа дека понудена е помош од други градови и државни институции.

    „Зафатен е стариот објект на ‘Жито Битола’ со кој стопанисува ‘Ангро механизација- Жито Битола‘ во чиј состав има пекара, млин и силос. Побарана е помош од РЕК Битола која испрати протоивпожарно возило. Понудена е помош од Кавадарци, разговарано е со директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Се надевам дека ќе се локализира во границите на старата зграда. Тоа е стара конструкција, но новите сопственици нешто реновирале“, рече Коњановски.

    Рано е да се каже што го предизвикало пожарот, но има две верзии. Според едната започнал од пекарата, а според другата од покривот.

    „Жито Битола“ во социјализмот, а и во годините на транзиција, беше еден од најголемите фабрички капацитети во Битола. Но отиде под стечај, а во последните години приватници купија дел од фабричките објекти и го рестартираа производството на леб и брашно. Во вечерашиот силен пожар изгореа делови од главната зграда која постоеше повеќе од половина век.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира