Пожарот под Пелистер бил намерно предизвикан, се сомнева командирот на Територијалната противпожарна единица во Битола, Горан Димовски. Со интервенцијата на 18 битолски пожарникари со 5 возила и други лица вработени во НП ,,Пелистер” попладнево беше запрено пожарот кој гореше на 200 метри од молитвата шума да се прошири на Пелистер.
„Овде нема стрништа, а ни температурата не е 40 степени , ова не е таков пожар. Ова се намерни пожари. А, ми кажуваат мештаните на вилите за местото каде точно е запалено. Не знам што сакаат да постигнат потпалувачите” , рече Димовски.
Пожарникарите на терен спречија пожарот да ги зафати и викендички од потпелистерското село Ротино. Огнот им гореше преку патот на оддалеченост од дваесетина метри.
Пожарот се појави нешто пред 14 часот во близина на селото Цапари. Силниот ветер придонесе да се прошири кон Ротино.
„Имаше опасност на горниот дел кон каде се развиваше пожарот, а ветрот му беше сојузник и огнот се движеше кон Националниот парк. Беше стигнато до селото и до моликата на 250 метри но со брза наша интервенција и пожртвуваност на пожарникарите и вработени од Националниот парк пожарот од таа страна е под контрола. Во овој момент опасност од проширување кон Пелистер нема. Но, останува опасноста од префрлување преку патот Битола- Ресен или преку клучката кај Ротино каде има борова шума”, рече Димовски.
Екипите остануваат на терен сè додека целосно не се изгасне огнот.
И изминатите години имаше пожари во Потпелистерието за кои постоеја сомнежи дека се подметнати.
Ж. ЗДРАВКОВСКА