ПОЗИТИВЕН БИЛ НА КОРОНАВИРУС 78-ГОДИШНИОТ ВЕЛЕШАНЕЦ КОЈ ПОЧИНА ВО СРЕДАТА

    ПОЗИТИВЕН БИЛ НА КОРОНАВИРУС 78-ГОДИШНИОТ ВЕЛЕШАНЕЦ КОЈ ПОЧИНА ВО СРЕДАТАМинистерот за здравство Венко Филипче најави дека Државниот здравствен и санитарен инспекторат ги истражува наводите на семејството дека 78-годишниот велешанец не добил соодветна и навремена лекарска помош. (Фото: СДК.МК)

    78-годишен велешанец кој почина ноќта меѓу 31 март и први април бил позитивен на коронавирус, кажаа од семејството на починатиот, кое за тоа било претпладневно информирано од Центарот за Јавно здравје Велес по постхумниот тест. Семејството сега бара да биде тестирано за коронавирус.

    Ова е деветти случај на заразен со коронавирус во Велес.  До вчера, во земјава има 430 заболени, од кои 20 излечени и 12 починати.

    Случајот со смртта на ова лице беше актуелизиран од семејството, кое реагираше што не добивало можност лицето да биде тестирано, дека не бил хоспитализиран иако бил во лоша состојба, и што службата за итна помош во прв момент одбивала да го пренесе до болница. За сите овие наводи, министерот за здравство Венко Филипче најави дека работи Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

    Министерството за здравство попладнево соопшти дека според информациите добиени од Општата болница во Велес, на 31 март околу 16 часот од дежурниот лекар на инфективното одделение во Општа болница Велес бил прегледан пациент на 78-годишна возраст, донесен како итен случај со возило на Итната медицинска помош, бидејќи имал претходно закажан термин од матичен лекар во 19,20 часот.

    „Пациентот бил болен 4-5 дена пред прегледот со покачена телесна температура и кашлица со искашлување на секрет, лекуван од матичен лекар со антибиотик, парацетамол и витамини. Роднините негирале епидемиолошка поврзаност со контакти сомнителни или заболени од коронавирусна инфекција. На денот на прегледот, фамилијата забележала кај пациентот розеникав по боја искашлок и побарале да му биде земен брис од страна на епидемиолошката служба и да биде прегледан неколку часови порано од веќе закажаниот термин. Во моментот на преглед, пациентот бил без температура, во стабилна општа состојба со бронхитичен наод на бели дробови, поради што му е ординирана антибиотска терапија, бронходилататорна, експекторанс, витамини и даден совет за домашна изолација, како и контрола на резултатот од земениот брис. Се било уредно евидентирано со документација, а проценка на докторот е според симптоматологијата како да постапи. Земена е епидемиолошка анамнеза и од неговата ќерка. Државниот санитарен и здравствен инспекторат спроведува вонреден инспекциски надзор во однос на причината за смртта на велешкиот пациент“, соопшти Министерсвото.

    На прашањето дали починатиот и заразен со коронавирус имал контакти со некој од досега осумте заразени од Велес, семејството вели дека не можат да кажат, бидејќи не можеле никого да посочат како можен преносител. Починатиот боледувал од хронични болести. Неговото тело по барање на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Велес беше на обдукција.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира