Битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски“ денес одбележува 45 години од основањето. На прославата беше истакнато дека првото студентско здружение во Битола било формирано пред 90 години. Тоа било прво здружение од таков вид во државата, а го формирале битолчани и други студенти од околните градови кои студирале низ универизтетите во Европа.
„Основањето на студентското здружение се случило на 19 август 1934 година, пред 90 години. Но, тоа не значи дека пред тоа немало студенти од Битола. Моите истражувања откриваат дека млади битолачни уште во 19 век студирале на разни европски универзитети. Многу од нив деца на имашливи родители студирале во Париз, Минхен, Виена и на други места. Најмногу се одлучувале за медицина, имало и студенти на техничките факултети“, рече хроничарот на градот и поранешен проректор на Универзитетот, проф. д-р Александар Стерјовски.
Во здружението членувале битолчани, но и студенти од други градови. Целта била здружението да ги застапува нивните права и потреби, преку него да се обезбедува потребна литература зашто немало библиотека, а и да им се помага на сиромашните студенти.
„Меѓу нив имало и студенти кои потоа станале видни личности во Македонија, како Киро Миљовски, првиот ректор на Скопскиот универзитет, Крум Тошев подоцна универзитетски професор, Михаил Петрушевски, еден од основачите на Филозофскиот факултет во Скопје. Многумина од основачите станале и борци, дел од нив и загинале во ослободителната борба“, рече Стерјовски.
Проректорката за студентски работи, проф. д-р. Јасмина Буневска- Талевска рече дека по 45 години од основањето, Универзитетот е на пат да добие и Медицински фалултет, а пригодно на тоа го покажа и индексот број еден на првозапишаниот студент на Медицинскиот факултет во Скопје, кој исто така бил член на битолското студентско здружение.
Ж.ЗДРАВКОВСКА