ПРЕД ЧЕТИРИ ГОДИНИ МЕ ОСТАВИЈА БЕЗ ОРГАНИ, А ПРАВДАТА СЀ УШТЕ JA ЧЕКАМ – ОДЛОЖЕНО РОЧИШТЕТО ЗА РОДИЛКАТА ОД ДЕБАР ОТИ НЕ БИЛО ГОТОВО СУПЕРВЕШТАЧЕЊЕТО

    ПРЕД ЧЕТИРИ ГОДИНИ МЕ ОСТАВИЈА БЕЗ ОРГАНИ, А ПРАВДАТА СЀ УШТЕ JA ЧЕКАМ – ОДЛОЖЕНО РОЧИШТЕТО ЗА РОДИЛКАТА ОД ДЕБАР ОТИ НЕ БИЛО ГОТОВО СУПЕРВЕШТАЧЕЊЕТОВеапоска стравува дека постапката може повторно да се врати на почеток, оти последниот судија Јордан Јованов е делегиран до 5 септември. (Фото: СДК.МК)

    Денешното судско рочиште за родилката од Дебар Јилдиз Веапоска, која по породувањето остана без три органи, беше одложено оти сѐ уште во Струшкиот суд не стигнало супервештачењето кое го прават вешти лица од високообразовни и високонаучни институции, откако оние на Обвинителството и одбраната беа со спротивставени мислења.

    „Очекувам супервештачењето, стручните лекари да ја донесат вистинската одлука. Јас ја барам само вистината. Многу долго време одам во Струшкиот суд, многу долго сум во очекување да ја добијам правдата, но таа никако да стигне“, вели Веапоска.

    По повеќе од две години низ судските лавиринти и тројца судии кои го водеа судскиот процес, Веапоска стравува дека постапката може повторно да се врати на почеток, оти последниот судија, Јордан Јованов од Скопје, е делегиран до 5 септември.

    „Двајца судии се пензионираа, третиот судија е во тек на мојот случај, но дали ќе го заврши или ќе треба и четврти судија? Тоа ќе биде катастрофа. Толку исчекување правда е многу долг период. И психички и физички и финансиски сум исцрпена. Колку бебиња треба да умрат, колку родилки треба да умрат или да останат како мене половина човек за да се дојде до правдата? Колку години му треба на судот да донесе одлука? Четири години поминаа откако настана мојот случај и уште чекам правда“, вели родилката од Дебар.

    Веапоска при породувањето во 2020 остана без бубрег, матка и јајник. Обвинителството гони за лекарска грешка тројца лекари од Струшката болница: првообвинетиот Мухамед Асани како лекар-специјалист гинеколог акушер, второобвинетиот Блертон Асани како лекар-специјализант по гинекологија и акушерство и третообвинетата Лилјана Јованоска како лекар-гинеколог акушер. Тие, според обвинението, при укажување лекарска помош примениле очигледно неподобно средство и начин на лекување, со што предизвикале влошување на здравствената состојба на родилката од Дебар, поради што таа остана без три органи. Обвинителството ги гони за тешки дела против здравјето на луѓето.

    Асани е поранешен директор на Струшката болница, а беше разрешен токму поради овој случај. На првото рочиште, тој и останатите двајца лекари кажаа дека не се чувствуваат виновни за кривичното дело.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира