Општина Кисела Вода пред Нова година објави јавна анкета за измени и дополнување на Деталниот урбанистички план (ДУП) Градска четврт Ј08 блок 15. Јавната анкета е објавена во петокот на 27 декември и ќе трае десет работни денови. Станува збор за просторот во близина на средното економско училиште „Васил Антевски-Дрен“.
На нашето прашање зошто пред новогодишните и божиќните празници објавува јавна анкета и презентација за измени на ДУП, градоначалникот на Општина Кисела Вода Филип Темелковски вели дека нема никакви измени во планот, туку само поделба на две парцели меѓу сопствениците по нивно барање.
„Беше поднесена иницијатива до Општината за поделба на парцели меѓу сопствениците поради нивни лични причини. Нема никакви други промени. Се прават измени само за тој блок, не за цела Градска четврт. Во вакви случаи ние сме врзани и со рокови да одговориме на барањата на граѓаните, како што е со овој план и иницијативата на граѓаните“, вели градоначалникот Темелковски.
Тој додава дека планот ќе биде ставен на увид десет работни денови, па граѓаните и после новогодишните и божиќните празници ќе можат да го видат планот, односно да се уверат дека нема никакви промени во него.
А. АНТЕВСКА