Гостите за Велигден во Охрид ќе отседнат во дезинфицирани соби, во период кога регионот владее епидемија на морбили. Дезинфекцијата ќе ја спроведат екипи на Центарот за јавно здравје.
„Во рамки на своите законски надлежности и овластувања, а во пресрет на Велигденските празници кога се очекува голем број гости да ги посетат Охрид и Струга, како и за претстојната туристичка сезона, Центар за јавно здравје Охрид ги потсетува и повикува сите даватели на угостителски услуги во куќи, апартмани и соби за одмор (станоиздавачи) во Охрид и Струга да се обратат до Одделението за Епидемиологија при Центар за јавно здравје Охрид и ПЕ во Струга со цел спроведување на задолжителната превентивна дезинфекција на просторот кој се користи за давање на угостителски услуги согласно Законот за заштита на населението од заразни болести. Ова дотолку повеќе што во регионов владеат епидемии на морбили“, вели в.д директорот на Центарот за јавно здравје во Охрид Сашо Точков.
Од Центарот за јавно здравје Охрид велат дека подготвиле посебни, поволни пакети на услугите за дезинфекција, за станоиздавачите, а нивните мобилни екипи ќе бидат подготвени секој работен ден и сабота со потребната опрема и средства да одговорат на барањата и потребите на угостителите (станоиздавачите) за навремено и ефикасно спроведување на превентивната дезинфекција со цел намалување и избегнување на ризиците од појавата на заразни заболувања.
Д. ЧУБРИЌ