Двајцата вештаци кои сведочеа на судењето за сообраќајката во која починаа тројца работници, а четворица, меѓу нив и обвинетиот Орце Димитриев, беа тешко повредени, не ја прифатија тезата на одбраната дека предното десно тркало од комбето било оштетено пред тргнувањето и поради него се случила сообраќајката. Тие со аргументи ги објаснуваа констатираните наоди од вештачњето во продолжението на судењето во Основниот суд Велес.
„Оштетувањето на деловите од подвозјето на предното десно тркало, погонско полувратило, се резултат на удар во банкината. Ја исклучувам можноста тоа да се скршило пред да настане ударот. Неговото кршење е резултат на голема аксијална сила, повторно како резултат на ударот и мое мислење е дека кршењето е настанaто како резултат на ударот, не поради вртежниот момент што го пренесува ова полувратило. Ако кршењето на полувратникот се случило во текот на возењето како резултат на вртежен момент, тој не би го имал овој изглед“, кажа сведокот Дејан Брковски, машински инженер.
„Bакво оштетување на предното десно тркало можело да настане од удар. Од тиe причини, како можност е отфрлено тоа оштетување да се случило пред ударите на возилото во банкината. Во однос на патниците кои не биле осигурани со сигурносен појас, тој не дава максимална заштита, проектиран е да го намали ризикот. Тоа не е пропуст поради кој може да се случи незгода, неносењето појас може да има влијание врз штетните последици“, кажа Душко Павловски, вештак сообраќаен инженер.
Тој објасни и зошто во вештачењето пишувало дека возилото со десен страничен дел гребело по патот и висело, а потоа на друга фотографија било статично на четири тркала.
„Возилото било превртено кон коловозот на десната страна, а потоа исправено на тркала, бидејќи присутните забележале дека имало патник под него. Тое бил третиот починат, па луѓето го исправиле комбето на тркала за да стигнат до телото“, дополни Павловски.
За сообраќајката сведочеше и обвинетиот Орце Димитриев. Тој кажа дека не само критичниот ден, туку често работел на висина од 30-40 метри во период од најмалку 10 часа, а со патот до Скопје и назад и по 12 часа. Во оваа фирма работел четири години, на работно место бравар.
„Не постоше распоред кој да го вози комбето. Немаше кој да ги вози колегите некое време, па се менувавме со сега починатиот Ангел. Немавме обврска некого да информираме дека завршивме со работа и се враќаме дома за Велес. Критичниот ден одевме преку Јурумлери. Се вклучив на автопатот, веќе фаќаше мрак, крај на октомври беше. Никој од патниците не беше врзан со сигурносен појас. Во продолжението на возењето забележав дека нешто се случува со десниот дел од комбето. Ме влечеше кон провалијата. Инстинктивно, да не пропаднеме во провалијата, скршнав налево и толку се сеќавам. Се здобив со тешка телесна повреда, десниот колк ми беше излезен од лежиштето. Комбето претходно имаше дефекти, имаше и сообраќајка. Мене ми зариба пред Велес. Вратата ми има испаднато. Од фирмата не го носеа на соодветен мајстор, туку го поправаа на примитивен начин. Многупати барав друго возило, газдите одбиваа со образложение дека е соодветно за возење меѓу два града“, кажа Димитриев.
Неговата изјава дека критичниот ден го возел комбето и на одење и на враќање предизвика гласни реакции кај присутните, блиски на починатите или повредените. Тие во нивното сведочење претходно кажаа дека обвинетиот го скорнал Ангел од возачкото место без некоја потреба и налог, за тој да седи и го управува возилото. Обвинетиот кажа дека на неговото возење немало реакции од колегите, иако на претходните рочишта сведоците како оштетени и повредени сведочеа дека тие во повеќе наврати го имаат пријавувано обвинетиот кај газдите.
Димитриев е обвинет за кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Обвинителството смета дека делото го сторил со умисла.
Обвинетиот при управувањето со возилото не се придржувал до сообраќајните прописи и го загрозил јавниот сообраќај, при што направил пропусти и возел со брзина од околу 104 км/час, иако определената брзина била 70 км/час. Исто така, возел под дејство на психотропни супстанци, при што изгубил контрола врз возилото. Со анализа на крвта и урината е утврдено присуство на овие средства во организмот на обвинетиот.
Сообраќајката се случи на 16 октомври 2024 во 17:35 часот на автопатот Скопје-Велес, кај тунелот кај Катланово.
П. ПЕЧКОВ



