ПРЕДУПРЕДУВАЧКИ БАРИКАДИ ВО ГЕВГЕЛИЈА ЗА ДА НЕМА УВОЗ И ПРЕРАБОТКА НА ОТПАД

    ПРЕДУПРЕДУВАЧКИ БАРИКАДИ ВО ГЕВГЕЛИЈА ЗА ДА НЕМА УВОЗ И ПРЕРАБОТКА НА ОТПАДЕкологистите на три локации ги сопираа возилата и им делеа флаери за да информираат дека со измените на законот можно е во оваа општина да се отворат капацитети за производство на РДФ гориво. (Фото: СДК.МК)

    Еко активисти со предупредувачки барикади ги анимираа гевгеличани дека се спремаат измени на Законот за отпад, а Гевгелија се планира како локација за преработка на отпад од увоз. Членови на граѓанските здруженија „Промени се“ и  „Спас за нас“ на три локации ги сопираа возилата кои влегуваат и излегуваат од градот и им делеа флаери за да информираат дека со измените на законот можно е во оваа Општина да се отворат капацитети за производство на РДФ гориво.

    ,,Ги предупредуваме пратениците да обрнат големо внимание при носењето на новиот Закон за управување со отпад, каде што во еден од членовите се предвидува повторно увоз на отпад за гориво за големи капацитети познат како РДФ гориво. Народните избраници да размислат трезвено и да ги штитат интересите на граѓаните“, рече Ристо Камов од здружението „Спас за нас“.

    Цели два часа еко активистите ги сопираа моторните возила. Кажаа дека нема да се откажат од борбата Гевгелија да остане зелена оаза. Предупредувачките барикади се само најава доколку надлежните и пратениците не ја почитуваат нивната волја и епилогот од референдумското изјаснување кога гевгеличани кажаа не на тешка и загадувачка индустрија. Во спротивно, тие најавија поголеми протести на сите патишта.

    „Гевгелија е избрана како локација за преработка на отпад од увоз. Ова е само предупредување за да ја анимираме јавноста и да видат властите како ќе го браниме нашиот град, иако се надеваме дека нема да се дозволи. Сакаме да ја оставиме Гевгелија чиста за нашите деца. Секој граѓанин на Oпштина Гевгелија треба да биде спремен да го брани својот дом“, рече Марина Томова од здружението „Промени се“.

    Тие на денешните барикади изразија и вознемираност од информациите кои кружат во јавноста дека можно е да се отвори рудникот Казандол кај Валандово, за кој пред две години протестираа. Тие на фирмите кои се занимаваат со тешка и загадувачка индустрија им порачаа дека со судски постапки нема да ги замолчат и заплашат, оти дел од активистите добиле покани за суд.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира