ПРЕКИНАТО РОЧИШТЕТО ЗА СТЕЧАЈ НА ФЕНИ, НОВИОТ СОПСТВЕНИК ПОБАРА ИЗЗЕМАЊЕ НА ВЕЛЕШКИОТ СУД

    ПРЕКИНАТО РОЧИШТЕТО ЗА СТЕЧАЈ НА ФЕНИ, НОВИОТ СОПСТВЕНИК ПОБАРА ИЗЗЕМАЊЕ НА ВЕЛЕШКИОТ СУДРајчо Аљошев Кацаров, директор на „Енекод“, новиот сопственик на „Фени индустри“, пред Основниот суд Велес. (Фото: СДК.МК)

    Пет минути пред да почне рочиштето за отворање на стечајна постапка за „Фени индустри“, правниот застапник на компанијата до велешкиот суд поднел барање за одлагање. Поради ова, рочиштето се одложи на неодредено време.

    „Во 11,55 часот поднесен е приговор, барање за изземање на надлежност на Основен суд Велес и делегирање на друг суд. Поради ова се прекинува постапката, сè до донесување на одлука на Врховен суд“, кажа судијката Валентина Ѓорѓиевска.

    Во преполната судница имаше многу заинтересирани странки да го следат рочиштето, освен од доверителите – „Стопанска Банка АД Скопје“, „Комерцијална Банка АД Скопје“ и „Силк Роуд Банка АД Скопје“, кои побаруваат околу 40 милиони денари, имаше и претставници на Царинската управа,УЈП, МЕПСО, синдикатот на „Фени“ и на синдикатот на СИАЛ.

    Рајчо Аљошев Кацаров, директор на „Енекод“, новиот сопственик на „Фени индустри“, се пожали дека деновиве добиле решение за неплатен данок во висина од 5,5 милиони евра, но и секој ден се појавувал нов проблем.

    „Побаравме изземање на судот во Велес од економски причини. Бараме во Скопје, поевтино е таму за сите да се одржи рочиштето. Тоа е и начин да се добие време со банките – доверители, да се преговара. Премалку време сум на оваа позиција, треба да се анализира состојбата во комбинатот, но сакаме да работиме, да ги задржиме вработените“, кажа Аљошев Кацаров.

    Претставниците на вработените разочарани ја напуштија зградата на Основен суд Велес. Најавите дека брзо ќе се решат проблемите преку стечајот во „Фени“, не се оствариле, па од утре тие најавуваат нови штрајкови, блокади.

    „Претпоставките се остварија, оти никој во Македонија не може да предвиди колку ќе трае стечајна постапка. Со ова барање за изземање на велешки суд, дополнително се комплицира состојбата во ‘Фени’, оти комбинатот не работи, нема прилив на средства, ниту се знае кога ќе проработи. По денешното рочиште, сите кои сме вовлечени во решавањето на проблемот, новата состојба треба да нè загрижува“, рече Пеце Ристески, претседател на Синдикатот на вработените во индустријата, енергетиката и рударството.

    Според него, со овие потези, целта на раководството во „Фени“ била да добијат подобра позиција, да се откажат другите потенцијални инвеститори за купување на комбинатот.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира