ПРЕКРШОЧНИ МЕРКИ ОД ИНСПЕКТОРАТОТ ЗА ГИНЕКОЛОГОТ, ДИРЕКТОРОТ И БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА ПОРАДИ НЕДОСТАТОЦИ ВО СЛУЧАЈОТ НА ПОЧИНАТОТО НОВОРОДЕНЧЕ

    ПРЕКРШОЧНИ МЕРКИ ОД ИНСПЕКТОРАТОТ ЗА ГИНЕКОЛОГОТ, ДИРЕКТОРОТ И БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА ПОРАДИ НЕДОСТАТОЦИ ВО СЛУЧАЈОТ НА ПОЧИНАТОТО НОВОРОДЕНЧЕНовороденчето почина по породувањето во Клиничката болница во Битола. (Фото: СДК.МК)

    Инспекцискиот надзор од Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) констaтирал недостатоци во лекувањето и третманот на родилката В. К. чие машко бебе почина по породувањето во Клиничката болница во Битола. Од Инспекторатот соопштија дека за константираните недостатоци ќе бидат изречени прекршочни мерки за д-р М. В,  за правното лице – болницата и за одговорното лице во правното лице – директорот, врз основа на Законот за евиденции во областа на здравството. Исто така, за д-р М. В. ќе биде изречена и прекршочна мерка по Законот за здравствена заштита.

    За истиот гинеколог претходно имаше и кривична пријава за злоупотреба на службата, кога лани заедно со друг колега дозволиле трето лице кое кое не е вработено во оваа установа да изведе царски рез во операциона сала додека биле на дежурство.

    Вчера директорот Александар Обедниковски си поднесе оставка од морални причини, а за в .д. е назначена д-р Елизабета Ивановска.

    Во врска со стручниот дел од лекувањето и третманот на родилката В. К. и нејзиното починато новороденче, ДСЗИ сега посочува дека ќе иницира стручен надзор, согласно Законот за здравствена заштита.

    ДЗСИ вчера изврши вонреден инспекциски надзор во Битолската болница. Од увидот во медицинската евиденција и документација која се води во пишана и во електронска форма, како и од изјавите дадени од докторите гинеколози-акушери кои учествуваа во лекувањето и третманот на родилката, констатирано е дека рВ. К. прв пат се јавила на преглед во установата на 8 април 2023. Прегледот е извршен од дежурниот лекар на Одделението за гинекологија и акушерство д-р М. В.

    На 9 април, пациентката е примена на Одделението за гинекологија и акушерство со искреиран упат од истиот дежурен лекар кој претходно го извршил прегледот. Бил направен запис за прием и отворена историја на болеста. По изјава на дежурниот лекар, пациентката била примена на одделението поради болки. Биле направени ЦТГ записи и земена крв за биохемиска анализа со потпис од дежурниот лекар д-р М. В. По приемот на пациентката на Одделението за гинекологија и акушерство на 9 април во утринските часови, по изјава на д-р М.В., дадена ѝ е терапија, по што е пуштена дома поради тоа што „раѓањето не било започнато“. Пациентката била отпуштена дома со препорака ако се јават болки или прскање на воденикот, да се јави на Одделението. Во медицинската евиденција не се внесени дадените препораки и нема отпусно писмо. Исто така, нема евидентирано анамнеза и статус на пациенката од дежурниот лекар кој го извршил приемот.

    По изјава на лекарите-специјалисти по гинекологија и акушерство кои биле дежурни во наредната смена, на 9 април пациентката околу 14 часот се јавила на Одделението и по извршениот клинички преглед во амбулантата направен е ЦТГ запис во 14.15 часот. По препораката за прием заради отопчнато породување, со оглед на утврдената состојба при извршениот преглед, констатирано е дека за неа веќе е отворена историја на болест. Пациентката е примена во предродилна сала, направен е ЦТГ запис во 15.00 часот и извршено е породување по природен пат со употреба на вакум екстрактор при излез. Дежурните лекари во наредната смена изјавуваат дека при примопредавањето на дежурството не им било пренесено дека за пациентката В. К. претходно е отворена историја на болест и извршен прием на одделението, ниту пак во рапортната тетратка на докторите или медицинските сестри е евидентиран нејзиниот прием во ноќните часови.

    За време на породувањето присутен е и специјалист педијатар-неонатолог. Од увидот во неонатолошкиот картон за лекување и третман на новороденото на В.К. констатирано е дека уредно се пополнети сите рубрики. Родено е живо машко дете со АПГАР 2. По неуспешна 10-минутна реанимација од неонатологот, повикан е анестезиолог и контактирана е ЈЗУ УК за детски болести и побаран е транспорт со инкубатор. И покрај упорната реанимација во траење од 2,35 часа во 18.25 часот констатирана е смрт на новороденото од присутните лекари специјалист педијатар-неонатологот и специјалист-анестезиолог. Телото е предадено на обдукција со пополнети потврда за смрт и лекарски извештај за причина за смрт, а во пријавата за породување истото е нотирано.

    Докторите специјалисти кој учествувале во лекувањето и третманот на пациентката и новороденото имаат лиценци за работа кои се во рок на важност.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира