Со огромни количини песок тампониран е дел од коритото на реката Сатеска кај атарот на Ново Село во Дебарца, за да може тешката механизација која работи на изградба на автопатот Охрид-Кичево да поминува преку реката. Поради нарушениот тек на речната вода, мештаните но и екологистите реагираат на ваквиот, според нив, нечовечен и неодговорен однос кон природата со кој се загрозува животинскиот и растителниот свет во реката. Велат дека секоја непромислена човечка интервенција ги нарушува природните живеалишта и предизвикува големи нарушувања на биодиверзитетот.
„Направена е еко катастрофа со преградување на реката. Водотекот е прекинат. Доколку се поставеле цевки ќе немаше прекин на водата. Не знам дали е ова направено непромислено но во една ваква состојба загрозен е животинскиот и растителниот свет во реката“, вели Борис Џајкоски од Еколошкото друштво „Грашница“.
Месното население ги алармирало надлежните, но од таму уште нема став за можните штети од наносот песок кој го спречи водотекот на Сатеска. Инспекторите излегле на терен но не утврдиле никакви неправилности.
„Реагиравме веднаш до сите надлежни институции за да може навреме да се спречи нелегалното извршување на градежни работи врз коритото на реката Сатеска. Реката во овој момент е запрена, се направи една барикада, брана и нема никаков проток, со што може да биде загрозен растителниот и животинскиот свет во самото речно корито. Доколку тоа се направеше на начин како што треба, тогаш немаше да има никаков проблем“, вели Златко Цветаноски, жител од Дебарца.
Цветаноски стравува од можни поплави во наредниот период со врнежите од дожд и снег, бидејќи дел од коритото на реката е оштетено.
„Доколку се зголеми нивото на водата во наредниот период, а нема нормален тек на реката, може да има опасност од поплавување на околните ниви и имоти на жителите кои се во близина на реката“, вели Цветаноски.
Мештаните најавуваат протести, ако надлежните не се огласат и не се надмине проблемот.
С. ВРЕНЦОВСКА