ПРЕСПАНСКОТО ЈАБОЛКО СЕ ОТКУПУВА ЗА 4 ДО 15 ДЕНАРИ ЗА КИЛОГРАМ, ПОСКАПА Е ДУРИ МАСТИКАТА ЗА ЏВАКАЊЕ ВО ПРОДАВНИЦА, ВЕЛАТ ОВОШТАРИТЕ

    ПРЕСПАНСКОТО ЈАБОЛКО СЕ ОТКУПУВА ЗА 4 ДО 15 ДЕНАРИ ЗА КИЛОГРАМ, ПОСКАПА Е ДУРИ МАСТИКАТА ЗА ЏВАКАЊЕ ВО ПРОДАВНИЦА, ВЕЛАТ ОВОШТАРИТЕНема пари, не знам како ќе се бере јаболкото со неисплатени субвенции од 2024 година, вели Кире Карапалевски, претставник на јаболкопроизводителите од Преспа. (Фото: Општина Ресен)

    Во Преспа започна бербата на јаболката од реколтата 2026, а државата на јаболкопроизводителите сè уште им должи субвенции од по 2 денари за килограм предадено јаболко во 2024 година.

    Јаболкопроизводителите се приклучија на вчерашниот протест на земјоделците и сточарите, кој се одржа во Тополчани, со блокада на патот Битола-Прилеп. Овоштарите се пожалија дека, покрај субвенциите, се мачат и со ниските откупни цени на јаболкото, со кои ни мастика во продавница не може да се купи.

    „Моментално, откупната цена на индустриското јаболко е 4 денари, за таа цена нема ни мастика во продавница. Конзумното исто така има ниска цена од 15 денари. Лани цените на индустриското јаболко беа од 10 до 11 денари, а 25 или 30 денари за конзумното. Годинава цената е катастрофална“, рече Кире Карапалевски, претставник на јаболкопроизводителите од Преспа и член на Националната земјоделска мрежа.

    На свеченото откинување на првото јаболко во овошните насади во Ресен на 27 септември, присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, кој им посака успешна и бериќетна сезона на преспанските овоштари.

    „Јаболкоберот го одржаа, дојдоа, се сликаа и не кажаа конкретно кога ќе ги исплатат субвенциите, а сите јаболкопроизводители ги чекаа тие 2 денари за да ја започнат оваа берба. Нема пари, не знам како ќе се бере јаболкото со неисплатени субвенции од 2024 година. Еден работник да го викнеш денес да ти работи на берба бара 50 евра. Не можеме со јаболката што ќе ги собереме да ги платиме работниците“, вели Карапалевски.

    Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), на нашето прашање што ќе направат за јаболкопроизводителите да излезат од кризата, ни одговорија дека субвенциите за предадено јаболко се однесуваат на бербата од 2024, со рок на предавање до 2025 година. Оттаму велат дека барањата се поднесуваа и се обработуваат.

    „Постапката за оваа подмерка е во тек и сите производители што навремено поднеле барање и ги исполнуваат утврдените услови ќе бидат опфатени со финансиската поддршка“, велат од МЗШВ.

    За откупната цена велат дека е пазарна категорија и Министерството не може административно да ја определува, но континуирано комуницира со производителите, откупувачите и преработувачите за организирано преземање и пласман на родот, додека Државниот инспекторат за земјоделство го следи откупот на терен.

    „Предлог-законот за уредување на пазарите со земјоделски производи, кој во моментов е во фаза на јавна расправа, е дел од веќе започнатото системско унапредување на производството и откупот, преку воспоставување појасни правила, поголема одговорност и посигурни односи меѓу производителите, откупувачите и преработувачите“, кажаа од МЗШВ.

    Преспа е најплодниот регион во државата со јаболка, наречена уште и „македонска Калифорнија“, но веќе со години овоштарите трпат последици од климатските промени и ниските откупни цени.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Гледајте го и подкастот „За секого по нешто“:

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира